Епитетот „смарт езеро” го доби Велешкото езеро „Младост”
➢ Актуелно (13.08.2020)
👁 Прочитано: 1881



Епитетот „смарт езеро” го доби Велешкото езеро „Младост”

По примерот на Европа и нашата земја го доби првото „смарт езеро”. Преку Проектот за локална и регионална конкурентост (ЛРЦП) кој е со вкупна вредност од 62 милиони денари од кои 55,5 милиони денари се грант, а останатите се обезбедени од општината Велес, се реализираше и идејата за „смарт езеро”. 

При денешната посета на езерото вицепремиерката задолжена за економски прашања и координација со економските ресори г-ѓа  Царовска го истакна приоритетот на Програмата за поддршка на компетитивноста и економски локален развој и посочи дека со инвестиции преку локалната самоуправа и со поддршка од ваков тип на проекти се создаваат атрактивни локации коишто секако ќе бидат посетени од домашни посетители, но и од странски посетители. Со воведувањето на овие паметни елементи во опкружувањето на езерото, како што е менаџирање со паркингот, детско игралиште, велосипеди коишто исто така се управуваат преку одредени паметни модели, се олеснува на општините менаџирањето со ваков тип на туристички локации коишто се многу значајни. Нивната значајност не е само заради тоа што тие стануваат актрактивни и ќе бидат посетени од повеќе посетители, туку директно влијаат и на економскиот развој, но со тоа директно влијаат и на регионалниот развој којшто е  навистина значаен.

Местоположбата на езерото е една од неговите предности, бидејќи е попатна дестинација на многубројните странски туристи кои поминуваат во текот на годината кон своите туристички дестинации во Грција.

Досега, преку ЛРЦП се потпишани договори за вкупно 61 проект, 25 се целосно реализирани, а 36 се во тек на реализација. Меѓу позначајните проекти се, целосна реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, реконструкција и пренамена на стар објект во мултимедијален центар во Општина Вевчани, изградба на вештачка планинарска карпа и поставување на друга урбана опрема во Крушево, изградба на адреналински парк во Карпош и уште неколку други проекти со кои се придонесува за поголем и побрз развој на езерскиот, винскиот и еко-туризмот низ државата.

 

Служба за информирање при Комората