НАСТАВА МОРА ДА ИМА
👁 Прочитано: 5889



НАСТАВА МОРА ДА ИМА

Ништо не може да го замени стекнувањето на знаењата и вештините без физичкото присуство на учениците во училиштата. Непосредната размена на информации подолго останува во сеќавањето на учениците. Една слика или вежба повеќе се врежува во меморијата од илјада кажани зборови. Тоа што ќе се направи самостојно останува трајно и ги развива вештините. Социјализацијата е потребна и кога станува збор за физичка дистанца од 1-2 метри. Одговорноста да се оди на училиште прави да се биде успешен во животот, а почитувањето на процедури и протоколи значи да се биде совесен и посветен на работата. Затоа е потребно физичкото присуство на учениците во училиштата.

Учениците мора да ги навикнеме да функционираат во новата реалност. Потребна им е еластичност, прилагодливост и едукација за животни вештини за иднината. Тоа, единствено, може да се направи со заедничка соработка и консензус со сите учесници во процесот, и воспоставување протокол за парнерство помеѓу наставниците, родителите, локалната самоуправа, епидемиолозите, државата, превозниците и бизнис заедницата, во кој ќе се прецизираат обврските и одговорностите за постигнување највисоко ниво на безбедност во секоја образовна институција. Протоколот ќе обезбедува комуникација на училиштето со родителите во кризните услови на пандемијата, затоа што родителите ќе бидат најмалку во училиштето, а најмногу ќе треба да знаат што се случува со нивните деца во училиштето.

И на крај, тоа ќе функционира ако имаме почитување на протоколот за партнерство што значи:

  1. Учениците сериозно да ја разберат состојбата и да ги почитуваат протоколите за безбедносните и здравствени мерки, редовно носење заштитна маска за време на наставата и почитување на безбедносните протоколите за реализација на практичната обука во компании;
  2. Наставниците сериозно да пристапат кон почитување и спроведување на протоколите и засилени контроли за време на кратките одмори;
  3. Училиштата да спроведуваат темелно чистење и дезинфекција во училишните простории, како и во мензите во училиштата. Храната да биде прописно спакувана и пред секој оброк задолжително миење раце. Оброкот, кој се носи од дома, да се јаде во мензата или во училницата, но со почитување на протоколи за безбедносни мерки;
  4. Родителите да бидат во постојана комуникација со училиштето како партнери кои зеднички ќе соработуваат, а не да очекуваат само училиштето да им нуди опции и да се грижи за нивните деца. Да имаат доверба во наставниците и во раководството на училиштето. Во секој момент треба да знаат каде им се движат децата по завршување на наставата. Во заедничката комуникација не смее да има нервоза и конфликт, тука мора да се постигне зеднички договор како да се заврши учебна година, која ќе да биде долга и неизвесна;
  5. Државата да обезбеди организиран превоз на учениците, посебно во поголемите градови, во различно време на движење од луѓето кои одат на работното место, и со почитување на протоколите за заштита на здравјето на учениците што ќе го намали потенцијалниот ризик од заболување и натамошно ширење на вирусот;
  6. Превозниците на учениците да спроведуваат редовно длабоко чистење со антибактериски средства и дезинфекција на автобусите и задолжително носење заштитни маски и ракавици од страна на возачите;
  7. Компаниите да ги почитуваат безбедносните протоколи за реализација на практичната обука и да обезбедат безбедни услови за ученикот.

П.С. Опасноста која се јавува во наредниот период е падот на знаењето и компетенциите во општеството, особено кај младите, кои ќе бидат целосно незаинтересирани за учење и да претвориме во заедница на незнаење. Тогаш заедницата ќе ја прилагодиме според фактот дека младите не се во можност да бидат иновативни и да прават сложени работи, што ќе се одрази во целокупниот социјален и економски развој.

м-р Наташа Јаневска
самостоен советник во Стопанска комора на Македонија