Редизајниран веб-порталот на Стопанската комора на Македонија
👁 Прочитано: 22537


"Да ја редизајнираме денешницата за да ја дизајнираме нашата иднината"
Редизајниран веб-порталот на Стопанската комора на Македонија

Почитувани,

Денес ја промовираме целосно редизајнираната веб-страница на Стопанската комора на Македонија. Подолу во текстот накусо ќе истакнам кои ќе бидат главни елементи на сајтот кои воедно се и носечки столбови на претставувањето и застапувањето на интересите на членките на Комората со надеж дека со редизајнирањето ќе ја постигнеме целта, односно ќе допреме до сите компании на кои им е потребна поддршката од нас и секако веб-страницата ќе ја направиме повидлива, поедноставна и побрза за користење.

Како што знаете, економските околности и бизнис амбиентот се менуваат постојано. Се користат нови технологии, се појавуваат иновации што од корен ги менуваат производите, пазарите и важноста на играчите на пазарот, се менуваат начините на комуникација и водење бизнис, се генерираат нови трендови. Сите овие динамични процеси неизбежно бараат приспособување од страна на економските субјекти, вклучително и на Стопанската комора на Македонија. Притоа, не се работи само за потреба од адаптација на Стопанската комора на Македонија како реакција на промените, туку за нејзино стратешко позиционирање и трансформација во Комора на иднината. Оттука, Стопанската комора на Македонија го усвои документот Стратешки правци за развој на Стопанската комора на Македонија, во кој документ ги наведовме главните области на делување од аспект на поддршка и нудење услуги на компаниите. Тргнувајќи од фактот дека Стратешките правци за развој на Стопанската комора бараат реорганизација, адаптација, внесување новини и постојано надградување на капацитетот на коморскиот систем, како и на знаењата и вештините на кадарот, сакам, како одговорна и за целосниот редизајн на веб-страницата на Комората да Ве информирам дека направената промена на изгледот на коморската веб-страница е во насока на наша адаптација кон промените и секако во насока на прикажување на клучните информации и услуги кои ги нудиме и капацитетот со којшто располагаме.

Главните активности и поддршката којашто Комората ја нуди на своето членство на коморскиот веб-сајт се поделени во 4 клучни полиња, распоредени на централно место на сајтот, со цел, како што кажав, за нивна поголема видливост и достапност за компаниите. Сите овие 4 полиња/области се испреплетени и поврзани помеѓу себе, а поврзани се и со сите останати услуги кои се наоѓаат во портфолиото на Стопанската комора на Македонија. Од денес па натаку главните полиња кои ќе Ви бидат достапни преку многу корисни податоци, интервјуа, анализи, ставови, факти и сл., а кои ќе бидат прикажани на ударно место на нашиот сајт од нашиот претседател и уште тројца коморски колеги експерти во своите области се:

 

1. Вмрежување по сите основи за компаниите

Вмрежувањето опфаќа повеќе активности кои овозможуваат интерно вмрежување на членките во рамките на Комората по сите основи, односно, помеѓу компаниите во рамките на самите здуженија, асоцијациите, регионалните комори и сите останати облици и форми на здружување и делување во рамките на Комората. Тука е и интерното вмрежување на компаниите преку нивно учество во подготовката на нови закони, регулативи, прописи и сл. Потоа, вмрежувањето на компаниите е по основ на соработка со релевантни домашни институции преку потпишување договори за соработка/стратешки партнерства и многу други форми на соработка. Во делот на вмрежувањето на компаниите спаѓа регионалното и меѓународното вмрежување по сите основи (тука би го потенцирала регионалното поврзување преку Коморскиот инвестициски форум - КИФ), како, на пример, преку организирање деловни средби,  настани, форуми, презентации, саемски настапи и други форми на соработка и поврзување... Во рубриката „Вмрежување“ ќе биде сместена подрубриката „Од компаниите“ која ќе содржи информации за компаниите од посетите на нашите колеги, од активностите на компаниите кои се наши членки и се` што е поврзано со нив. Низ оваа рубрика за вмрежувањето ќе Ве води претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

 

2. Проекти за поголема конкурентност на компаниите

Во овој дел претставен на коморската веб-страница опфатени се информации и активности кои Стопанската комора на Македонија ги нуди за компаниите со цел поголема достапност до сите информации за програмите и регулативите на Европската унија поврзани со проекти за компаниите, за ко-финансирање на технолошки развој, иновации, градење на капацитети на вработени и подигнување на конкурентноста на компаниите, како и информации за објавените повици во рамки на Програмата „Хоризонт Европа“, ИПА, од Фондот за иновации и технолошки развој и сл. Исто така, тука спаѓаат новини и стратегии на Европската комисија поврзани со развој на конкурентноста и иновативноста на компаниите; тековни повици објавени од други донори - УСАИД, УНДП, ГИЗ, ЦЕИ; тековните повици на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Посебно овде даваме приказ на проектите кои се во тек на реализација од страна на Стопанската комора на Македонија, а кои овозможуваат дополнителни услуги или бенефети во интерес на компаниите од поединечни сектори. Елаборирани се сите програми и регулативата за финансирање на проектите. Посебен дел во ова поле е предвиден за ЕУ-клубот каде ќе има информации за македонски компании кои се извозно ориентирани, кои реализираат одредени проекти, кои бараат партнери за проекти. Сите овие информации ќе бидат прикажувани низ разни форми, апликации, ставови, интервјуа и сл., а посебно внимание тука ќе се стави на делот на преговарачката политика со ЕУ и отворањата и преговорите на посебните поглавја важни за бизнисот. За оваа област одговорна од Стопанската комора на Македонија е колешката Јадранка Аризанковска, долгогодишен коморски експерт за проекти.

 

3. Царини, даноци и услови за водење бизнис

Во делот за даноци и царини објавите се однесуваат на актуелни случувања од областа на даночната и царинската политика и постапки поврзани со истите, како и стручен коментар на одредени теми поврзани со даноците, царините, акцизите и придонесите од задолжително социјално осигурување. Во делот на „Пристап до финансии“ ќе прикажуваме информации за актуелни јавни повици за пристап до финансии (поддршка од органи на државната управа и фондови), како и услови за пристап до кредитни линии за компании од деловни банки. Со цел обезбедување  потребни информации за оваа рубрика ќе склучиме меморандуми со повеќе државни институции, за навремено добивање на информациите за јавните повици и добивање на релевантен контакт од соодветната институција, кој ќе биде на располагање за дополнителни појаснувања за компаниите. Ќе дадеме и комплетен приказ на Бизнис регулативата, односно ќе следат ажурирано објави на информации за нова и постоечка регулатива со наш коментар или одредено барање по истата. За царини, даноци и услови за водење бизнис домаќин на активностите е колешката Анета Димовска, долгогодишен експерт во наведените области.

 

4. Образованието - неопходна инвестиција во бизнисот

Економијата и општеството мора да се потпираат на знаење и стручност, бидејќи само така се овозможува зголемување на продуктивноста во работењето и зголемување на производството и квалитетот на производите, долгорочно планирање на развојот на бизнисот и новите инвестиции. Во оваа област се опфатени темите со кои ќе се информираат компаниите и бизнис заедницата за актуелните состојби и реформи што ќе се преземаат во образованието, со посебен фокус на стручното образование и обука во насока на обезбедување мотивиран и квалитетен образовен кадар. Тука ќе се објавуваат пораки и ставови до компаниите дека вештините се клучни за бизнисот во 21-от век и дека не е важно какво знаење поседува поединецот, туку дали знае истото да го примени за да ги заврши работните задачи, но и потребата од посветени компании кои ќе се вклучат во образованието и кои ќе им овозможат на учениците практично да ги развиваат стручните вештини. Ќе бидат опфатени и содржини и активности кои го покриваат и неформалното образование, како можност за доживотно учење, кои се реализираат преку Центарот за едукација при Комората и едукативните настани кои се реализираат преку Клубот на менаџери при Стопанската комора на Македонија. Исто така, во ова поле ќе бидат опфатени регулативата, најновите публикации и проектите во делот на образованието. За делот на образованието носител на сите активности е колешката Наташа Јаневска, експерт посебно за дуалното образование.

Цениме дека на овој начин навистина ќе ги реализираме сите активности кои ги имаме за членството и информациите кои воедно им ги нудиме да бидат повидливи и подостапни. Со промоција на новиот веб-сајт воведуваме нова рубрика за промоција на успешни приказни за микро, мали и средни компании-членки на Комората кои се помалку познати, а сепак успешни. Успешни пред се`, бидејќи користеле поддршка од институција како нашата, која е заштитник на бизнисот и која работи за потребите на бизнисите. Денес, ќе промовираме таков успешен пример на микро компанија која користела една од услугите на Комората, сместена во полето на проекти, а тоа е ЕЕН-услугата. Овој успешен пример е претставен низ интервју кое е направено со господинот Томислав Рушков, сопственик на фирмата „Органик Балкан“ од Велес, производител и трговец на органски производи од пчели. Прочитајте го неговото искуство со користење на една од нашите услуги. Intervju so Tomislav Ruskov.pdf

И на крајот, да завршам, иако има уште многу да се пишува. Генерално, Стопанската комора на Македонија продолжува со своите зацртани програмски активности преку кои го промовира и застапува бизнисот во Република Северна Македонија. Како Комора која во 2022 година прославува 100 години од коморското организирање во нашата држава, продолжуваме да бидеме фокусирани на клучните стратешки прашања за развој на економијата во нашата држава, како што се поддршка на извозните активности на македонската економија, активности за содзавање подобра инфраструктура и активности за нови инвестиции. Сето ова ќе се реализира преку континуирано задржување и создавање на квалитетен кадар кој одговара на потребите на стопанството и нудење безрезервна поддршка на членството за реализација на нивните барања. Тоа го покажавме преку работа и во изминатиот период, предизвикан од корона кризата, кој беше многу тежок за македонската економија и генерално за нашата држава, тежок пред се` од аспект на зачувување на здравјето и животите на луѓето, а секако и зачувување на ликвидноста и преживувањето на компаниите. Секако, постои голема непредвидливост и не знаеме уште колку ќе трае борбата со „непознатиот непријател“, но нашите активности неуморно ќе продолжат и во следниот период. Во оваа насока продолжува и работата на Кризниот штаб на Комората 24/7 за поддршка на нашето членство и тоа е видно поставено на веб страната на Комората.

Vis-à-vis членството во НАТО и аспирациите за членство на нашата држава во ЕУ, заинтересирани сме да ги координираме активностите помеѓу бизнис заедницата и носителите на економските политики во врска со преговарачкиот процес со ЕУ, а ќе продолжиме да ги реализираме почнатите и да аплицираме за добивање на нови проекти во соработка со меѓународната заедница, насочени кон подобрување на поодделни сегменти на економскиот амбиент во земјата. Стопанската комора на Македонија обезбедува релевантни информации важни за работењето на членките, го збогатуваме портфолиото на нови услуги во насока на давање на консултантски услуги за конкретни потреби на своите членки и продолжуваме со издавање документи за надворешно-трговското работење, како и давање услуги на компаниите за арбитража и медијација како алтернативни начини на решавање на стопанските спорови и поддршка на судството од аспект на негово растеретување.


Следете не` и бидете коректив за наше подобрување!

 

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанската комора на Македонија