Триесет години економска соработка меѓу Република Словенија и Република Северна Македонија се повод за Македонско – словенечки економски форум што се одржа во Скопје. Традиционалното бизнис пријателство привлече учество на бројни официјални државни претставници, стопанственици и претставници на Стопанските комори од Република Словенија и Република Северна Македонија, како и на повеќе од 150 бизнисмени од двете држави.
Дека традиционалното долготрајно пријателство и соработка со Словенија во сите сфери, вклучително и во економската сфера е особено важно за продлабочување на еконосмката активност во земјава потенцираше Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
Од Словенија секогаш можеме многу да научиме. Некогаш тоа се крупни работи, некогаш детали, но поучни. Еве, на пример, името на Министерството од каде што доаѓа министерот од Словенија Матјаж Хан е Министерство за стопански развој и технологија. Фактот дека зборот технологија е додаден и посебно истакнат покажува дека на технологијата ѝ се придава особено значење како фактор во развојот на словенечката економија. Мислам дека можеме многу да научиме од словенечките партнери околу она што го носи иднината, а тоа е ESG или елементот на заштита на животната средина, еколошките аспекти и водењето на бизнисот. Погледнато кон иднината, треба да се искористат можностите за соработка помеѓу словенечката и македонската економија и во тој поглед особено е важна улогата на стопанските комори на двете земји, истакна Јовановски.
„Бизнис заедницата е таа која го носи развојот на економијата и за да ја постигнеме таа цел треба заедно со државните институции, министерствата да работиме на заедничка развојна стратегија. Словенечките пријатели се тука за подобро да се запознаат со можностите за инвестирање кај нас, условите на пазарот и потенцијалите на нашата бизнис заедница за соработка. Се надевам дека нашите компании ќе ја искористат оваа можност за вмрежување, ќе склучат зделки и ќе започнат соработка со словенечките претставници“, рече Војдан Јорданов, претседател на Управниот одбор на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.

Продлабочување на постојната соработка и реализација на нови заеднички проекти најавија економските министри на Р.С.М. и на Р.С., Крешник Бектеши и Матјаж Хан, кои на билатералниот состанок посебен акцент ставија на состојбите со енергетиката.
„Имавме многу плодна и конкретна дискусија и верувам дека дополнително ќе ја продлабочиме соработката со Република Словенија и во иднина ќе реализираме многу заеднички проекти. Разговаравме да ја вратиме авионска линија меѓу Скопје и Љубљана и веќе разговарав со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски до крај на годината да објавиме повик за авиокомпании и да можеме да ги поддржиме со цел да се олесни соработката меѓу државите, а секако и Република Словенија тоа ќе го направи кон почетокот на наредната година. Трета тема беше енергетика, искуства, мерките начинот како се справуваме со енергетската криза“, рече Крешник Бектеши, министерот за економија на Република Северна Македонија.
Македонија е на петтото место од државите каде словенечките компании инвестираат, посочи министерот за стопански развој и технологија на Република Словенија Матјаж Хан, задоволен од големиот интерес меѓу стопанствениците и за Форумот.
„Словенија е пријателска држава на РСМ, размената на стоки е во раст и минатата година таа изнесувала 433 милиони евра,со евидентирано зголемување за 25 проценти. Инвестициите на словенечките претпријатија во Македонија изнесуваат околу половина милијарда евра. На форумот беше најавено и отпочнување преговори за враќање на авионската линија меѓу Скопје и Љубљана.
Во вториот дел од Форумот беа реализирани Б2Б средби и две тематски работилници за иновативни технологии и дигитализација и за енергетика, како најатрактивни сегменти од бизнис делувањето во секоја земја.

Организатори на настанот беа Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на СПИРИТ Словенија (Јавна агенција за промоција на претприемништвото, интернационализацијата, странските инвестиции и технологијата) и Амбасадата на Р. Словенија во РСМ.
Во продолжение се изјавите на:
* Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија
* Крешник Бектеши, министер за економија на Република Северна Македонија
* Матјаж Хан, министер за стопански развој и технологија на Република Словенија
* Војдан Јорданов, претседател на Управниот одбор на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици