Македонско-романски бизнис-форум во Букурешт - ПОТТИК ЗА НОВИ ИНВЕСТИЦИИ И ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛНИ ПРОЕКТИ

   

АКТУЕЛНО / 07.10.2011
👁 Прочитано: 1006


Македонско-романски бизнис-форум во Букурешт  - ПОТТИК ЗА НОВИ ИНВЕСТИЦИИ  И ЗАЕДНИЧКИ РЕГИОНАЛНИ ПРОЕКТИ

     - За нас Романија е важен партнер и од клучно значење за двете држави е интензивирање на меѓусебната економска соработка,  особено  трговската размена.
     Ова им го  порача  д-р  Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија,  на романските бизнисмени на  Македонско-романскиот бизнис-форум, што се одржа во Комората за индустрија и трговија  во Букурешт (7.10.2011 година). На Форумот, покрај македонски и романски компании, учествуваат и компании од Италија.

     Инаку, при средбата на д-р Ѓорѓи Иванов и неговиот домаќин Трајан Басеску, претседател на Романија, беа потпишани билатерални договори од областа на научната, економската и техничката соработка и од областа на туризмот.    Договорите од македонска страна ги потпиша министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции,  Веле Самак.
    Потпишувањето на двата договора, според двајцата претседатели, ќе придонесе за интензивирање на билатералните односи и на економската соработка. Досега Македонија и Романија имаат потпишано повеќе од 30 билатерални договори.

      На Македонско-романскиот бизнис-форум присуствуваше и бизнис- делегација од Стопанската комора на Македонија, предводена од д-р Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје. Со деловните луѓе од Романија за подобрување на размената меѓу двете земји разговараа претставници на  следните македонски компании-членки на Стопанската комора на Mакедонија:  „Фершпед“, „Витаминка“, „Сковин“, „Ролоспас“, „Димко Митрев“, „Дасто инженеринг“ и „Рафајловски консалтинг“.

     Д-р Ѓорѓи Иванов во оваа прилика ги повика романските бизнисмени да ја посетат Македонија и да ги искористат нејзините предности при реализацијата на нивните бизнис-планови не само на македонскиот пазар, туку и за целиот регион. Тој ги информираше романските деловни луѓе дека Македонија има макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2 процента, избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува под 26 проценти од бруто домашниот производ.
      - Имаме одговорни компании со конкурентни прозводи кои можат да се најдат на вашиот пазар, бидејќи тие се барани како во светски рамки така и од романските потрошувачи. Затоа, очекувам со ваш ангажман трговскиот дисбаланс да се намалува во иднина, - истакнал д-р Ѓорѓе Иванов. 
      Д-р Горан Рафајловски,  говорејќи за билатералната трговска размена, спомена дека има добра и лоша вест:  добрата е дека споредбено во првите 7 месеци од оваа година со седумте месеци од минатата, статистиката бележи одреден  раст на македонскиот извоз (26 милиони САД $) и мал пад на увозот од Романија (60 милиони САД $). Во овие кризни времиња тоа е успех. Лошата вест е дека Република Македонија и понатаму бележи трговски дефицит во однос на Романија. Во 2010 година Република Македонија оствари билатерална трговија во вредност од 180 милиони САД $ и трговски дефицит од 71 милион САД $.
      -Но се` уште останува простор да ја подобриме трговската размена и во разни сектори, во коишто таа зависи од изградената конкурентска предност. Во услови на светска финансиска криза, балканските земји треба уште повеќе да соработуваат, со што ќе постигнат поголема конкурентност за настап на трети пазари.

    Во услови на светска финансиска криза, балканските земји треба уште повеќе да соработуваат, со што ќе постигнат поголема конкурентност за настап на трети пазари.

     Двете земји активно се спротивставуваат на глобалната криза. Но и покрај трговската размена, потребно е да се работи и на унапредувањето на економската соработка, а тоа значи дека треба да ги искористиме геостратешките капацитети на двете земји. Освен трговијата, да поттикнеме и нови инвестиции и заеднички регионални проекти; да ја развиваме соработката во градежништвото, транспортот и туризмот, а воедно, Република Романија да биде наш партнер и поддржувач за нашето членство во ЕУ, – нагласи д-р Горан Рафајловски.
        При оваа посета, македонските компании имаа можност да се сретнат и со стопанственици на регионот Прахово во Стопанската комора на Плоешти, чиј претседател Гугулеску е и почесен конзул на Р. Македонија во Р. Романија.
   Претседателот на Регионалната комора со седиште во Скопје, д-р Рафајловски на Форумот ги апострофира трите приоритети кои треба да се реализираат во наредниот периодот кои ќе ја поттикнат билатералната економска и трговска соработка:
    - да се иницира формирање на македонско-романски деловен совет во кои ќе членуваат компании од двете земји кои веќе имаа воспоставено бизнис-релации или се заинтересирани за соработка со локални компании;
    - на почетокот на наредната година во Букурешт, планирано е да се одржи презентација на инвестиционите потенцијали на Македонија наменета за романските компании заинтересирани за настап и инвестирање  на македонскиот пазар;
    - да се упати барање од националниот романски авиопревозник за воспоставување редовна авионска линија на релацијата Скопје - Букурешт, со што значително би се скратиле трошоците и  времетраењето на патување, со што значително би се унапредиле  деловните и  туристичките посети на двете страни.
    Инаку, минатата година, во рамките на официјалната посета на претседателот  Трајан Басеску на Република Македонија, се воспостави институционална соработка меѓу регионалните комори на Прахово и Охрид, Телеорман и Битола, Илфов и Прилеп, Иаломита и Штип и Асоцијацијата на италијанските компании во Романија и Регионална комора со седиште во Скопје. Овие врски се локомотиви на соработката, а воедно и придонес на приватниот сектор во вкупниот развој на билатералните економски односи.