Експертска дебата на Македонската енергетска асоцијација за вклучените светилки на автомобилите преку ден - ЕМ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ТРОШОК, ЕМ ЛОШ ЕФЕКТ ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

   

АКТУЕЛНО / 30.06.2011
👁 Прочитано: 901


Експертска дебата на Македонската енергетска асоцијација за вклучените светилки на автомобилите преку ден - ЕМ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ТРОШОК, ЕМ ЛОШ ЕФЕКТ ВРЗ ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

    Зголемената потрошувачка на гориво поради користењето вклучени светла преку ден, ги чини македонските граѓани пет милиони евра годишно.

   Пресметките на експертите презентирани во Стопанската комора на Макеоднија, во рамките на јавната расправа организирана од Македонската енергетска асоцијација (30.6.2011 година),  покажуваат дека возачите само за светилки годишно треба да одвојуваат вкупно 600.000 евра зашто, доколку постојано се во движење, би потрошиле околу 210.000 светилки.

    Освен негативниот економски аспект, обврската за возење со вклучени светла лошо се одразува и врз животната средина, преку зголемено емитирање отровни гасови. Страдаат акумулаторите и останатата електрична опрема. Притоа, ефектот во сообраќајот е речиси минимален, нема евидентно намалување на несреќите.

    Од овие причини, многу учесници во сообраќајот, таксисти, граѓани, правни субјекти, возачи на градските сообраќајни возила, бараат да се преиспита законската обврска и евентуално да се скрати периодот на користење дневни светла по примерот на западните земји.

   - Ако со вашето возило преку ден отидете до Берово и назад, а светлата се вклучени, ќе потрошите гориво со кое би купиле три леба. Запалените светла кај возилата се енергетски потрошувач како секоја светилка во домаќинствата. Но, во овој случај примарната енергија се добива од моторот со внатрешно согорување. Нашите возила имаат инсталирана моќност на светилките од 160 до 200 вати, изјави Љупчо Гаштеовски од „Геотермален систем“ - Кочани.

    Во македонскиот сообраќај, додаде, се` е увозно, возилата, светилките, акумулаторите. Светилките страдаат при денско возење, секоја има век на траење до 500 часа.

    - Се прашувам зошто овој закон не се применува во државите што се многу посеверно од нас, како Холандија и Германија?! Австрија почна да го применува па го укина, во Бугарија и Хрватска се вози денски со запалени светла само во зимскиот период,  - рече Гаштеовски.

   „Џенерал моторс“ цени дека потрошувачка на гориво е 1,5 отсто поголема ако се вози со вклучени светла, Шведска 0,9, Холандија 0,5 до 1,5, а Македонија 1,3 проценти.

    Од 2007 до 2010 година, откако во земјава е во сила законската обврска за возење со вклучени светла преку ден, безбедноста во сообраќајот е минимално подобрена и генерално не може да се каже дека е резултат од користењето дневно осветлување.

   - Во 2007 година имаше 173 загинати, во 2008 година 162, во 2009 година 160, а лани 162. Не можеме да потврдиме дека оваа блага амплитуда на намалување се должи на употребата на светла. За сообраќајните незгоди има многу фактори, - изјави Кузман Дамчевски, виш полициски советник за сообраќајни работи при Бирото за јавна безбедност.

   Според него, кај нас често се мешаат поимите дневни и средни светла. ЕУ-директивата не обврзува постојано користење средни светла, а дневните се нов концпет, од 2010/2011 година, многу пофунцкионални и поскапи. Целата опрема чини околу 3.500 евра и екстремно ги штеди светилките што се користат за ноќно осветлување.

   - Максимално ја следиме состојбата, ги согледуваме добрите и лошите страни од употебата на дневните светла. Гледаме да најдеме најповолно решение од аспект на безбедноста во сообраќајот кое нема да биде спротивно на ЕУ-директивите. Хрватска годинава се врати на праксата светлата да се користат од 15 ноември до 15 март. Најповолно би било тоа да се применува и кај нас. Во Грција дневните светла се препорачуваат, но не се задолжителни, исто е во Франција, Германија, Австрија и Швајцарија, - истакна Дамчевски.