Прв Белградски економски форум – средба на стопанските комори и градови на ЦЕФТА - регионот - АПЕЛ ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ПАЗАРНИОТ ПРОТЕКЦИОНИЗАМ

   

АКТУЕЛНО / 27.05.2011
👁 Прочитано: 960


Прв Белградски економски форум – средба на стопанските комори и градови на ЦЕФТА - регионот - АПЕЛ ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ПАЗАРНИОТ ПРОТЕКЦИОНИЗАМ

     На иницијатива и во организација на Стопанската комора на Белград, се одржа Првиот Белградски економски форум на тема: "Средба на стопанските комори и градови на ЦЕФТА-регионот“ (23.5.2011 година). Првиот Белградски економски форум го отворија  претседателот на Собранието на град Белград Александар Антиќ, членот на Советот на градот Белград Жељко Ожеговиќ, заменикот на шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград, Адриано Мартинс и претседателот на Стопанската комора на Белград, д-р Милан Јанковиќ. На форумот учествуваше и Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје.

     Претседателот на Собранието на град Белград, Александар Антиќ, истакна дека земјите од Западен Балкан кои се стремат кон Европската унија, денес се во можност со помош на сопствени ресурси, користејќи го пазарот од 30 милиони жители,  да ја подобрат својата економија, да ја зголемат размената, да привлечат странски инвестиции и заеднички да настапуваат на други пазари. Тој исто така додаде дека  градот Белград верува дека ЦЕФТА-проектот претставува голема шанса за привлекување на странски капитал и дека локалните власти можат да дадат клучен   придонес за квалитетна соработка.
     Заменикот на шефот на Делегацијата на ЕУ во Белград Адриано Мартинс, истакна дека Европската унија ги поддржува ЦЕФТА-проектот регионално-економската  соработка и додаде дека инвеститорите го гледаат овој пазар како еден регион за инвестирање. ЦЕФТА како регионална рамка за соработка обезбедува повеќекратни придобивки и платформа за политичка стабилност, а процесот на европска интеграција и правно усогласување овозможуваат полесен трговски промет. Мартинс заклучи дека без економска и стопанска соработка, нема регионален развој, економски просперитет и слободен пазар.


    

     Жељко Ожеговиќ истакна дека ваквите средби се добра шанса за унапредување на економските односи во регионот, за зајакнување на стопанскиот  потенцијал и создавање на добра клима за инвестирање.     Соработката во рамките на ЦЕФТА-договорот носи стандардизација и бизнис-правила кои важат во Европската унија и во Светската трговска организација. Тој истакна дека државата ги мултиплицираше средствата и фондовите кои го поддржуваат развојот на малите и средните претпријатија и претприемништвото, го унапредуваат извозниот потенцијал, како и дека градот води многу одговорна социјална политика.

     Поранешниот министер за економски односи со странство, д-р Милан Париводиќ, ја истакна предноста на ЦЕФТА-договорот дека балканскиот регион „се  продава" како единствен регион за инвестирање.
      Претставниците на коморите од регионот, од Македонија, Словенија, Црна Гора, Молдавија, Република Српска, истакнаа дека стопанството во ЦЕФТА-регионот е мало, но на приближно исто ниво на развој, што сите учесници ги упатува на поголема соработка. Тие се согласија дека е потребно да се лобира  за воспоставување на единствени давачки, што беше предлог на Горан Рафајловски, потоа  да работат на развојот на клаузулите на Договорот и дека е неопходно да соработуваат преку постојните механизми и институциите на стопанските комори.
     Пренесувајќи ги своите искуства од работењето во регионот, стопанствениците   се согласија дека треба да се намали државниот протекционизам и да се обезбедат  еднакви можности за учество на домашни стопански субјекти во другите земји, бидејќи  пазарот на Србија е доста либерализиран и отворен.
     Претседателот на Стопанската комора на Белград, д-р Милан Јанковиќ, истакна дека ЦЕФТА-договорот ја зајакнува конкурентноста на домашната економија, која е извозно ориентирана, дека регионалната соработка претставува важен фактор за економската и политичката стабилност. Исто така, тој смета дека ваквиот дијалог е потребен за да се подобрат односите, да се укинат трговските и нетарифните бариери, како и да се олесни патот на бизнис-заедницата.     Белградскиот економски форум секоја година ќе третира актуелни теми од значење за развојот и унапредувањето на деловната клима за стопанските субјекти.
     Учесниците на Првиот Белградски економски форум разговараа за предностите на единствениот заеднички пазар за инвестирање во регионот на ЦЕФТА, за примената на правилата за јавни набавки во регионот и за формите на економска соработка и настап на трети пазари. На Првиот Белградски економски форум се донесоа заклучоци дека е неопходно да се намали протекционизмот на пазарот,  стопанската соработка и учеството на тендерите да биде приближно во реципроцитет, процедурите да бидат поедноставени и поевтини, како и да се обезбеди транспарентност на соработката и учеството на јавни тендери.
      Во областа на фармацевтската индустрија, учесниците заклучија дека е неопходно да постои единствено признавање на регистрирани лекови, што овозможува поедноставен транспорт и соработка на трети пазари.