Обединување на стопанските субјекти кои работат со производство и промет на лекови, со медицинска опрема, лабораториски материјали и обезбедување услуги преку приватни здравствени организации е целта на новоформираната Асоцијација за здравство при Стопанската комора на Македонија.

Претседателот на Асоцијацијата, Владимир Индов, на конференцијата за печат (4.4.2011 година), посетена на економските аспекти на здравствената и фармацевтската дејност, истакна дека Асоцијацијата брои околу 25 членки кои се значајни репрезенти во здравствената и фармацевтската дејност во Р. Македонија.
- Целта на Асоцијацијата е обединување на што поголем број стопански субјекти кои членуваат во други здруженија и преку заеднички настап да дејствуваат како сериозен партнер на централната власт и институциите кои донесуваат закони и законски акти кои го третираат здравството и здравствениот систем, истакна Индов, при што Асоцијацијата ќе ги следи и ќе помага во разрешување на прашањата од екомскиот дел од живеењето на стопанските субјекти.

Тој најави дека Асоцијацијата ќе соработува со други здруженија и комори, како што се Лекарската комора и Фармацевтската комора за прашања од заеднички интерес.
На 30 март 2011 година се одржа конститутивна седница на Асоцијацијата. Усвоен е Статут на Асоцијацијата, избрани се претседател и двајца потпретседатели.
Зорица Мешкова од Стопанската комора на Македонија истакна дека, според статистичките податоци, фармацевтската дејност е со стабилно производство и бележи пораст од осум отсто во првите два месеца од годинава во однос на минатата година.