Експертот за атомска енергија Никола Попов со „Приказ на случувањата во нуклеарната електрана Фукушима“ и со порака - МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГИ СЛЕДИ СВЕТСКИТЕ ТРЕНДОВИ ВО НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА

   

АКТУЕЛНО / 30.03.2011
👁 Прочитано: 896


Експертот за атомска енергија Никола Попов  со „Приказ на случувањата во нуклеарната електрана Фукушима“  и со порака - МАКЕДОНИЈА ТРЕБА ДА ГИ СЛЕДИ СВЕТСКИТЕ ТРЕНДОВИ ВО НУКЛЕАРНАТА ЕНЕРГИЈА

     Професорот на МакМастер Универзитетот во Хамилтон, Канада и директор за сигурност и лиценцирање на атомска енергија во Канада, Никола Попов, смета дека во Македонија нема да има никакви последици од хаваријата во Нуклеарната централа Фукушима во Јапонија.


    - Се` уште се вршат анализи за несреќата и се преземаат мерки за ублажување на последиците. Убеден сум дека оваа несреќа е далеку поблага од онаа што се случи во Чернобил. Секако, ќе има последици на околината во Јапонија, но не верувам дека тоа ќе биде од некаво значение за Македонија, изјави Попов пред почетокот на предавањето на тема: „Приказ на случувањата во Нуклеарната електрана Фукушима“, што го држеше на седница на Македонската енергетска асоцијација во Стопанската комора на Македонија.
   Доколку лично се прашувам, нагласи канадскиот експерт од македонско потекло, не ми смета да живеам до нуклеарна централа. Сметам дека Македонија треба да ги следи светските и европските трендови од областа на нуклераната енергија, а Владата е таа што ќе одлучи дали да гради нуклеарна централа или не, заедно со народот. Јас можам само да дадам мислење, -  додаде тој. 
   - Сите нуклеарни електрани во светот ќе посветат големо внимание на тоа што се случува во Фукушима и ќе направат ревизија на своите програми за да бидат подготвени доколку се случат слични настани на други места да бидат посигурни за населението,  - рече Попов.


    Тој не верува дека случувањата во Фукушима ќе предизвикаат некакви последици во работењето на Атмоската централа Кршко, лоцирана на границата меѓу Словенија и Хрватска. 
    Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека Владата има намера да го користи професорот Попов, како советник за нуклеарна енергија.
   - За Македонија е многу важно да биде правилно информирана за тоа што се случува во Фукушима и кои би биле можните последици за државата, имајќи ги во предвид краткорочните потенцијални негативни ефекти што може да се јават, но и какви импликации ќе има вкупно на Енергетската стратегија на Македонија, - изјави вицепремиерот Пешевски пред почетокот на предавањето.
    Тој прецизира дека се` уште не е донесена одлука дали во Македонија ќе се гради нуклеарна централа иако тоа се предвидува во едно од сценаријата на Стратегијата за енергетика, која е веќе донесена.
   - Роковите за потенцијалната изградба на нуклеарна централа се далеку од истекување бидејќи процесот на подготовки трае 10 до 15 години. Одлука не е донесена ниту да се гради, ниту, пак, да не се гради, но она што го правиме се неопходните подготовки. За да се даде одговор дали и кога треба да се почне со изградба на нуклеарна централа се потребни повеќе години на анализа, - рече Пешевски.
   Такво решение, нагласи, се носи врз база на стручно-економска анализа, а не само врз база на политичка дискусија.
   - Безбедносните аспекти во носењето на таква одлука стануваат се` поважни иако не ги игнориравме ни до сега. Граѓаните може да бидат сигурни дека нема да се донесе избрзана одлука, - нагласи вицепремиерот Пешевски.
    Според Попов, хаваријата во Фукушима е последица на цунамито од кое биле поплавени дизел агрегатите за производство на електрична енергија потребна за функционирањето на системите за ладење на реакторите.
   - Пракса е електраните да се исклучуваат од системот при земјотреси, а исто така е пракса системите за ладење да не се поврзани на енергијата што ја произведува централата, туку на енергетскиот систем и да зависат од друг производител. Во случај на исклучување од системот постојат дизел агрегати кои произведуваат електрична енергија за системот за ладење, - рече Попов на предавањето.
    Тој нагласи дека во Фукушима се вградени реактори од постар тип BWR 3 и BWR 4 од американско потекло дизајнирани во 60-тите години од минатиот век кои се веќе 30 до 40 години во функција и оти новите имаат многу пософистициран систем за ладење на реакторите.
   Во светот, нагласи, има вкупно 440 рекатори од кои 90 се од тој вид, а најголем дел од нив се во Јапонија.