Македонската енергетска асоцијација за електричната енергија од обновливи извори - СЕ ПЛАНИРААТ ИНВЕСТИЦИИ, А РЕГУЛАТИВАТА НЕДОЗАОКРУЖЕНА

   

АКТУЕЛНО / 28.02.2011
👁 Прочитано: 950


Македонската енергетска асоцијација за електричната енергија од обновливи извори - СЕ ПЛАНИРААТ ИНВЕСТИЦИИ, А РЕГУЛАТИВАТА НЕДОЗАОКРУЖЕНА

      Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија, на 25 февруари 2011 година, одржа тематска расправа за влијанието на производството на електрична енергија од обновливи извори врз регулацијата на електроенергетскиот систем во државата.


       -Темата е значајна од два аспекта, истакна претседателот на МЕА,  д-р Димитар Хаџимишев. - Првиот аспект е се` поголемата актуелност и,  популарност на производството на електрична енергија од обновливи извори и вториот аспект, кој досега речиси и не беше третиран,  е нејзиното влијание, кое може дури да биде и ограничувачко за стабилноста на електроенергетскиот систем во Република Македонија. 
     За актуелната состојба во Електроенергетскиот систем во државата,  кој го карактеризира стагнација на нови производни капацитети во услови на поголем пораст на конзумот наспроти дефициитот на електрична енергија, која над 20% се обезбедува од увоз, и за влијанието на обновливите извори на енергија врз дневната варијација на конзумот говореа академик  Томе Бошевски и професор Антон Чаушевски. Во нивната презентација беше дадена симулација  за влијанието на ветерните електрани врз електроенергетскиот  систем до 2015 година. Притоа,  беше истакната  стохастичната природа на ветерот и можните нарушувања што ќе ги предизвика врз електроенергетскиот систем, со оглед дека секое влегување и излегување во системот преизвикува преоден режим кај дотогаш вклучените производители на електрична енергија.


     Претставникот на Регулаторната комисија за енергетика, Наташа Вељановска,  ги презентираше постојните регулативи, сегашното  учество на енергијата од обновливи извори во финалната потрошувачка на елекрична енергија, планираните количини до 2020 година, односно учество на електрична енергија од овновливи извори од 20%, како и влијанието на обновливите извори на енергија врз цените на електричната енергија, во просек од 2% до 4%. Во однос на пристапот и приклучувањето на повластените производители на електроенергетските системи, таа ги истакна активностите на Регулаторната комисија за енергетика за регулирање на оваа проблематика, односно за пропишување на периодот за кој што ќе се применува обврската на операторите и за условите кои треба да ги испоонуваат повластените производители за приклучување на соодветен систем.
      Кога се зборува за електрична енергија од обновливи извори треба да се има предвид дека не сите имаат подеднакви влијание врз стабилноста на системот, беше истакнато во дискусијата. Малите хидоелектрани може да имаат позитивно дејство врз системот, тие се предвидливи, не влијаат врз зголемувањето на цената на електричната енергија и заедно со фотоволтаиците треба да се издвојат од ветерните електрани.
      Во заклучните согледувања, академик проф. Томе Бошевски и претседателот на МЕА, д-р Димитар  Хаџи Мишев, ја оценија дебатата како корисна, особено што за прв пат се отвори темата од реален аспект – обновливите извори на енергија во државата се ограничени, наспроти сфаќањето во јавноста за нивната неисцпрност.
     Во интерес на стабилноста на електроенергетскиот систем, од аспект на безбедно приклучување на електричната енергија од обновливите извори, особено ветерната, Македонската енергетска асоцијација бара да се почитуваат роковите за донесување на секундарната регулатива која произлегува од Законот за енергетика. Имено, во актуелните услови се планираат инвестиции во обновливи извори на енергија во отсуство на потребната регулатива,  а со преобемни административни процедури.  Исто така, МЕА повикува  во најскоро време да се донесат и Правилата за пазар на електрична енергија, особено значајни  од аспект на балансирањето кое во актулените услови може да биде особено голем трошок,  како и да се донесе стратегијата на МЕПСО и мрежните правила, за кои свое стручно видување ќе даде и Македонската енергетска асоцијација.  
                                                                                  Зорица Мешкова

 Прилози:
 
Томе Бошевски, МАНУ
Антон Чаушевски, ФЕИТ

*ОПЕРАТИВНА РАБОТА НА ВЕТЕРНИ ЕЛЕКТРАНИ ВО ЕЕС НА МАКЕДОНИЈА
  

Наташа Вељановска
Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија

*ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА