Групацијата на пазари реагира на дополнителните финасиски товари - НА ТЕЗГИТЕ ПРОДАВАМЕ, НЕ ГЛЕДАМЕ ТЕЛЕВИЗИЈА ПА ДА ПЛАЌАМЕ ТАКСА!

   

АКТУЕЛНО / 09.02.2011
👁 Прочитано: 882


Групацијата на пазари реагира на дополнителните  финасиски товари - НА ТЕЗГИТЕ ПРОДАВАМЕ,  НЕ ГЛЕДАМЕ ТЕЛЕВИЗИЈА ПА ДА ПЛАЌАМЕ ТАКСА!

      Групацијата на пазари на седницата одржаната на ден 9.2.2011 година, расправаше за состојбите и тековните проблеми во работењето на зелените пазари, за законската регулатива и нејзина имплементација односно спроведување на Акциониот план за намалување на сивата економија во 2011 година.
      Во обемната дискусија беа изнесени повеќе проблеми. Како најактуелен го посочија – доставата на сметки за наплата на радиодифузна такса на адреса на пазарџиите. Бидејќи и закупците на тезги согласно законските прописи се регистрирани како правни субјекти и за нив важи обврската за плаќање радиодифузна такса. На дел од нив пари им се веќе симнати од сметките или пак истите се блокирани. Претставниците на пазарите во име на закупците бараат да бидат изземени од ваквата обврска, бидејќи за поголем дел од нив седиштето на регистрација на нивната фирма е тезгата каде продаваат. Посочуваат дека секој дополнителен финансиски товар ќе ги пишмани тезгаџиите и наместо законски да работат на пазарите може само да се поттикне и така големата сива економија.


       Во делот на нелегална трговија, претставниците на пазарите забележуваат дека е потребна поголема и координирана активност на инспекциските органи за да се елиминира трговијата на црно што се врши надвор од пазарите кои се нелојална конкуренција на закупците на тезги кои работат согласно законите.
Како посебен проблем беше истакнато продажбата на млеко и млечни производи ( односно сирење ). За да се задоволи НАССР стандардот организаторот на пазарот мора да обезбеди соодветни објекти со минимално технички услови. Организаторите на пазари реагираат дека овие објекти често остануваат празни заради незаинтересираност на продавачите на млеко и млечни производи кои пак имаат обврска да докажат дека ги исполнуваат условите за производство според НАССР стандардите.
       Од страна на Предраг Милосављевиќ од „Скопски пазар“ беа презентирани законските прописи кои се однесуваат за работењето на организаторите на зелени пазари како и законските прописи кои треба да се реализираат во текот на годинава согласно акциониот план за сузбивање на сивата економија во 2011 година. 
       На седницата на Групацијата на пазари за нов претседател беше избран Благој Дивитаров од ЈП „Пазари Битола“, а  за потпретседатели беа избрани Љупче Лазевски – ЈП „Дервен“- Велес и Димче Колев - ЈП „Исар“ - Штип. Присутните на состанокот искажаа задоволство и благодарност до  Драган Василески,  досегашниот претседател на Групацијата за пазари,  која доста активно работеше и постигна позитивни ефекти, посебно во делот на фискализација на зелени пазари и други законски прописи кои се однесуваат на нивното  работење. 

Даниела Михајловска Василевска