Македонската енергетска асоцијација расправаше за Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за 2011 година - ПО ПОДОЛГ ПЕРИОД ЗНАЧАЈНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕНЕРГИЈА

   

АКТУЕЛНО / 07.12.2010
👁 Прочитано: 915


Македонската енергетска асоцијација расправаше за Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за 2011 година  - ПО ПОДОЛГ ПЕРИОД ЗНАЧАЈНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕНЕРГИЈА

     Министерот за економија во Владата на РМ, д-р Фатмир Бесими, во своето воведно обраќање по повод расправата по Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за 2011 година,  најправо ја изрази својата благодарност кон членките на Македонската енергетска асоцијација за придонесот, преку организираните стручни  расправи, во донесувањето по сите важни законски регулативи и стратешки документи од енергетскиот сектор во државата.


      На денешната седница, традиционално, претставниците на енергетските компании, големите потрошувачи, научната јавност и организациите и институции го разгледаа енергетскиот биланс за 2011, пред неговото усвојување од страна на Владата на РМ. Од следната година, покрај овој документ ќе се носи и друг значаен документ, петгодишен  биланс каде што ќе се направат петгодишни проекции за енегретскиот систем на РМ и истиот ќе биде индикатор за остварувањето на енергетската стратегија на државата.
      Предлог-енергетскиот биланс во однос на проекциите ги користи и е услогласен со проекциите за пораст на бруто домашниот производ за 3,5% и пораст на индустриското производство за 5,6%, на кои се додаваат и информациите од компаниите за планираните случувања во енергетсиот сектор  и во индустријата на РМ.


       Енергетскиот биланс за 2011 година е различен од претходните. Особено  е значајно почнувањето со работа на две комбинирани постројки за производство на  електрична енергија, „Те-То“ и „Когел“. Со тоа, за прв пат после подолг период ќе дојде до позначајно зголемување на домашното производство на електрична енергија, што е во насока на остварување на стратешките определби за намалување на енергетската увозна зависност. Со тоа се очекува вкупното производство на електрична енергија во 2011 година во однос на претходната година да се зголеми за 19%.
       Позитивна е и најавата за зголемени потреби од  електрична енергија за наредната година и тоа за 17%. Ова се должи на зголемени потреби од електрична енергија  од страна на трите големи потрошувачи: „Фени индустри“, „Југохром Фероалоис“ и „Скопски легури“. 
       Проекциите на потребите од сурова нафта за преработка се зголемени за 22%, а на нафтени деривати за 2%. Проекциите покажуваат дека најголемо зголемување се очекува кај  потребите од природен гас, токму поради работата на двата капацитета  за призводство на електрична енергија од гас.
     Во однос на обезбедувањето на вкупните потреби од енергија во РМ во 2011 година планирано е 55% да се обезбеди од домашни извори, 45% од увоз.
 Проценките покажуваат дека увозот на енергија во 2011 година би чинел 630 милиони евра.
     Покрај искажувањата за планираните количини за производство и за потребите од енергија во Предлог-енергетскиот биланс на РМ за наредната година, во расправата беа иницирани неколку суштетсвени прашања, кои ќе бидат предмет на расправа на наредни седници на Македонската енергетска асоцијација. Беше иницирана потребата цените за дистрибуција на енергенсите да се пресметуваат  врз основа на договорените е на врз основа на планираните количини, за што МЕА ќе побара од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија да ја преиспита постојната методологија за нивно пресметување.
       Во функција на заштита од нелојална конкуренција, во делот на нафтените деривати, Македонската енергетска асоцијација ќе побара квалитетна регулатива (Правилник за квалитет на течни горива и Правилник за емисија на штетни гасови)  во која ќе се транспонираат европските стандарди и директиви, но исто така ќе биде усогласена и со реалните состојби во производниот сектор. Од големо значење е на имплементаторите на овие регулативи да им се даде преоден период, во кој тие ќе можат да ги направат потребните усогласувања,  сврзани со поголеми инвестициони зафати.
     Присутните стопанственици и претставниците на научната јавност  предложениот документ го  оценија  како  квалитетен,  изработен на високо стручно  ниво.

                                                                                Зорица Мешкова