Регионална комора со седиште во Скопје - НАМАЛУВАЊЕ НА СТАПКАТА НА ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА РЕЗЕРВА ЌЕ ГО ЗГОЛЕМИ КРЕДИТИРАЊЕТО

   

АКТУЕЛНО / 29.11.2010
👁 Прочитано: 989


Регионална комора со седиште во Скопје - НАМАЛУВАЊЕ НА СТАПКАТА НА ЗАДОЛЖИТЕЛНАТА РЕЗЕРВА ЌЕ ГО ЗГОЛЕМИ КРЕДИТИРАЊЕТО

      Регионалната комора со седиште во Скопје, на седницата со којашто претседаваше Горан Рафајловски, претседател, расправаше и утврдуваше предлози за зголемување на кредитната активност на деловните банките во Република Македонија (24.11.2010 година).

     Јулијана Зориќ од Шпаркасе банка и Идризи Кенан од МБПР дадоа образложение и појаснување зошто во јавноста владее мислење дека деловните банки даваат ниска финансиска поддршка на стопанството, и се` уште кредитираат со повисоки каматни стапки.

    Во дискусијата беше нагласено дека главни причини за ниското ниво на финансиска поддршка на економијата, се ризиците кои се присутни во реалниот сектор и неликвидноста на компаниите. Банките го финансираат реалниот сектор, но секогаш одобруваат финансиска поддршка на профитабилни проекти и кредитоспособни клиенти.

     Банките имаат доволно ликвидни средства кои би можеле да се пласираат во стопанството. Но, за да може банките повеќе да кредитираат, од поголема важност е НБРМ да ги намали стапките на задолжителна резерва на депозитите, којашто деловните банки мора да ја издвојуваат и чуваат кај Централната банка. НБРМ доколку сака да влијае во правец на зголемување на кредитната активност на банките, мора да ја намали стапката на издвојување на задолжителна резерва.

      Зголемување на стапката на задолжителна резерва НБРМ ја имплементираше за време на кризата со цел да ги заштити деловните банки и економијата од финансиските удари на кризата. Но,  веќе сега економијата е во фаза на подобрување и би требало оваа мерка да биде  намалена, т.е. стапките на издвојување да се намалат, односно да се сведат стапките на издвојување на задолжителната резерва на ниво како пред кризата, од околу 7,5%.

      Во моментот стапките се движат:  10% задолжителна резерва за денари, 13% за девизи, 20% за денари со девизна клаузула.  На овие средства НБРМ плаќа 2% годишна каматна стапка на денарските средства на деловните банки  и 0,1% на двеизните депозити.

      Ако сите фактори во државата велат дека најлошиот период од кризата е поминат, тогаш треба да  дојде и до намалување на претходно зголемената пресметка на задолжителната резерва. По таа основа банките ќе можат да ослободат дел од овие средства и да ги пласираат во стопанството по пониски каматни стапки. На тој начин и банките ќе ја зголемат својата профитабилност и ликвидност. Банките се приватни институции и се дел од стопанството и економијата. И тие се правни субјекти исто како и другите правни субјекти во државава, работат по истите пазарни услови кои важат за сите субјекти.

     Во врска со Иницијативата  за донесување Закон за финансиска дисциплина и обезбедување на инструмент за плаќање, присутните се согласија да се предложи акцептниот  налог како инструмент  за наплата на побарувањата.

     - Оваа измена се бара во интерес на стопанството, пред се` заради тоа што е наједноставна и веќе се применуваше во праксата. За неа Владата треба само да направи кратка измена на Законот за платен промет, да предвиди негово воведување и со него би се добил еден инструмент со којшто би се решиле поголемиот број проблеми на недисциплина во финансискиот сектор, - нагласи Горан Рафајловски.

    На оваа седница се избра нов член на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Скопје,  Горан Чогеља, директор на „РУДНАП„ ДООЕЛ - Скопје.

                                                                              Венера Андриевска