МЕСНИТЕ ИНДУСТРИИ БАРААТ ИТНА СРЕДНА СО ЗАМЕНИК-ПРЕМИЕРОТ ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА, ВО СПРОТИВНО СЛЕДУВА НОВ ЦЕНОВЕН ШОК, ОТПУШТАЊА И ЗАТВАРАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ
➢ Актуелно (14.06.2022, во 18:34:02)
👁 Прочитано: 1040




МЕСНИТЕ ИНДУСТРИИ БАРААТ ИТНА СРЕДНА СО ЗАМЕНИК-ПРЕМИЕРОТ ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА, ВО СПРОТИВНО СЛЕДУВА НОВ ЦЕНОВЕН ШОК, ОТПУШТАЊА И ЗАТВАРАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕКликни за повеќе

 

Месната индустрија бара итна средба со Вицепремиерот за економски прашања за да ги достават и повторно ги образложат барањата за продолжување на мерката за ослободување на царината за замрзнато свинско месо, наменето за преработка. Во спротивно на краток рок (2 до 3 недели во зависност од тековните залихи) прво, следи нов ценовен шок од 20 до 30 % зголемување на цените на месните преработки од свинско месо, второ, намалување на бројот на вработени за исто така 20 до 30%, а на подолг рок, зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети.

Оваа индустрија, со важечките царински давачки, е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ, оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор, влегуваат во земјата со 0% царина, а домашните преработувачи при увоз на суровина, плаќаат царина во висина од 20 до 35%. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на Отворен Балкан. Во такви услови, ќе дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството, беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Северна Макеедонија.

Претставниците на компаниите велат дека се подготвени уште еднаш да ги презентираат своите аргументи на итната средба со надлежните, пред сѐ со Вице приемиерот задолжен за економски прашања, и последиците кои ќе произлезат од отсуството на мерката за ослободување на царинската давачка на замрзнато свинско месо наменето за преработка.

На производството на свинско месо и неговите преработки силно влијание имаат последиците од африканската свинска чума и ограничувањата на извозот на животни, како и пандемијата предизвикана од Ковид-19, што доведе до раст на цените на светските берзи на свинското месо, до логистички ограничувања, како и до затварање на кланиците, рестораните и услугите за храна, што предизвика негативно влијание на сите алки во синџирот на снабдување. Имено, зголемените цени на суровините и енергенсите, и ценовните притисоци предизвикани од истите, доведоа до предвидување за раст на инфлацијата од 5,7% во 2022 година, во развиените економии, и околу 8,7% во економиите во развој. Воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, кои се нето извознички на земјоделски производи и играат клучна улога во синџирите на снабдување, резултира во глобален јаз на понудата и раст на меѓународните цени на храна и добиточна храна, над веќе покачените нивоа, што секако ќе се одрази врз цените на месото и преработките од месо, како и на количините кои се произведуваат. Светска банка проектира раст на цените на земјоделските производи од 18% во 2022 година, што ќе влијае на производството и снабдувањето со храна, што може да предизвика потреба од меѓународна помош на подолг период. Во 2022 година, цените на свинското месо го забележаа најсилниот месечен пораст од 1995 година поради недостиг на понуда на свињи за колење во Западна Европа, а во Германија, која е еден од двата најголеми европски производители на свинско месо, цената ја надмина бариерата од 2.000 УСД за тон.

Домашните компании, покрај зголемените цени на суровини и репроматеријали на светските берзи, се соочуваат и со неизвесност и постојани промени на пазарот, раст на цената на енергенси и електрична енергија за 100%, раст на трошоците за транспорт и складирање, логистички ограничувања и сл. На домашниот пазар влегува готов производ (пред сѐ, од земјите на ЦЕФТА) со 0%, царина, замрзнатото свинско месо како суровина (кое не се произведува кај нас), и натаму подлежи на царински давачки. Поскапувањето на суровините ќе доведе до поскапување на цената на чинење на нашите производи.

Покрај тоа што домашните компании се обидуваат да бидат конкурентни на домашниот пазар, дури и по цена на намалена маржа за да се одржи цената на производите, што индиректно води и до притисок врз цените на конкурентските производи од странство, кога ќе се помине прагот на исплатливост, неминовно е да се зголемат цените на производите.

Во 2021 година производството на свинско месо во Република Северна Македонија изнесуваше 15.578 тони, но истите и понатаму не ги задоволуваат потребите на домашните производители на преработки од свинско месо. Во 2021 година увезени се 18.137 тони свинско месо и преработки од свинско месо, а извезени се 4.491 тони, додека во делот на преработките од свинско месо реализиран е увоз од 5.761 тони, а извоз од 4.481 тони, односно за 1.280 тони увозот е поголем од извозот, што значи дека постои дефицит и кај количините на преработки од свинско месо. Во вредност, во 2021 година, реализиран е увоз од 17,2 милиони евра, а извозот од државата е во износ од 13,2 милиони евра, односно реализирано е негативно трговско салдо - дефицит во износ, од близу 4 милиони евра. Кај категоријата преработки од свинско месо, покриеноста на увозот со извоз во 2021 година, е на ниво од околу 77%.

Доминантниот извоз се должи на преработките од свинско месо, додека свежо разладено или смрзнато свинско месо, речиси и да не се извезува. Доминантниот увоз на свинско месо и негови преработки доаѓа од земјите членки на Европската унија: Германија, Полска, Шпанија, Унгарија, Холандија, Австрија, Белгија, Португалија, Словенија, Грција и Хрватска, а од регионот регистриран е увоз во поголеми количини единствено од Србија, а во помали вредности и од Босна и Херцеговина и Црна Гора. Во делот на извозот на свинско месо и преработки на свинско месо од државата, истиот е концентриран во најтесниот регион и тоа во само четири држави: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Конкретно, за македонската преработувачка индустрија за преработка и конзервирање на месо, значајно е да се истакне дека нашите компании имаат ограничен пристап до странските пазари. Имено, според регулативите на Европската унија, а со цел да се заштити заедничкиот европски пазар, постои ограничување на трговијата со живи свињи, како и со свежо и замрзнато свинско месо од трети земји, во земјите членки на Европската унија. Во таа насока, постои ограничување за извоз на живи свињи, како и со свежо и замрзнато свинско месо и преработки од свинско месо од Република Северна Македонија во земјите членки на Унијата. Следи дека претходно наведените причини ги прават домашните производители неконкурентни и на домашниот пазар. Ограничувачки фактор на домашните компании е нелојалната конкуренција, од домашни нерегистрирани производители, како и од компании од странски држави, односно силна конкуренција од увоз. Имено, компаниите посочуваат дека клучните конкурентски производи во нашата држава доаѓаат од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, кои се со можност за производство по пониски цени за 20-25% од домашните, поради одредени конкурентски предности кои ги имаат, а се поврзани со домашно производство, како и пониската царинска заштита на свинското месо и смрзнатото свинско месо доколку тоа се употребува како суровина за преработка во нивните држави. Исто така, поради договорот за слободна трговија во рамки на ЦЕФТА, увозот на финалните производи од земјите членки на ЦЕФТА во државава се врши без царина, односно царинката стапка е 0%, па следствено создава директна конкуренција на слабо заштитеното домашно производство. Покрај наведените предности, врз домашниот пазар притисок прават и преференциите на купувачите, кои се насочени кон увозните производи, заради традицијата, маркетинг активности, подобра позиционираност во маркетите. За разлика од наведените, на домашниот пазар, компаниите се соочуваат со непостојан пристап до суровини по соодветни цени и квалитет, што се одразува на цената на готовите производи со што се создава притисок врз конкурентноста на домашните производи кои вклучуваат свинско месо.

Мерките кои беа преземени кај нас за бесцаринскиот увоз на замрзнато свинско месо од 2018 година наваму, доведоа до значителни позитивни резултати во дејноста, во 2018 година и 2019 година, што се рефлектираше во зголемено производство и зголемен извоз, во вредност, и во количина на преработки од свинско месо. Но, под влијане на променетите влошени околности, предизвикани од пандемијата со Ковид-19, резултатите се минимизираа, во 2020 година и 2021 година. Сепак, овие мерки одржаа одредено ниво на конкурентност на домашните компании кои произведуваат преработки од свинско месо, без последици врз домашните производители на свинско месо, кои исто така бележат континуирано производство, што ја потврдува економската оправданост на преземените мерки.

Анализираната реална царинска заштита на свинско месо, ако се исклучат автономните мерки за бесцарински увоз на сврзнато месо, упатува на фактот дека изнесува 0,6%, и е повисока од реалната царинска заштита на преработките од месо, која изнесува 0,4%. Опишаната состојба со царинската заштита на месната индустрија, односно на замрзнатото свинско месо и преработките од свинско месо, придонесува ефективната царинска заштита да биде негативна, што значи дека царинската политика во овој дел, придонесува за стимулација на увоз на преработки од свинско месо и не ги штити домашните производители на истото. Оттаму, неопходно е системски да се обезбеди пристап за домашните производители до суровина – смрзнато свинско месо. Одлуките на Владата за бесцарински увоз на свинско замрзнато месо како инпут за домашната месопреработувачка индустрија ги даде првите позитивни резултати веднаш со воведувањето. Имено, иако реалните економски ефекти на одлуката донесена во јуни, 2018, започна во четвртиот квартал на 2018, позитивните резултати се повеќе од задоволителни. Со системско намалување на царинската заштита се очекува месната индустрија повторно да стане нето извозник и да остварува забележителен девизен прилив.

Доколку престане важноста на автономните мерки, од анкета спроведена меѓу компаниите, може да се утврди дека поради царински давачки ќе им се зголемат трошоците за работењето, од 10% до 25%, што ќе предизвика намалување на нивната профитабилност во истиот сооднос, како и до зголемување на цената на финалните производи до 30%. Согласно претходното, очекувањата на компаниите се дека истото ќе доведе до намалување на продажбата до 50%, намалување на бројот на вработени до 40% и губење на позициите на домашниот пазар 20-50%. Воедно, половина од анкетираните компании кои се извозно ориентирани истакнуваат дека зголемените трошоци за царина ќе влијаат врз нивната конкурентност на странските пазари на кои се присутни во моментов и ќе резултираат со губење на позициите на овие пазари и престанување на нивната извозна активност, додека останатите ќе се соочат со намалување на извозот за 25%.

Во случај на бесцарински увоз на свинско месо и негови преработки, анкетираните компании oд преработувачката индустрија посочуваат дека очекуваат раст на извозот, вработеноста и нови инвестиции, односно раст на истоите од 5-20%.

Дејноста на конзервирање и преработка на месо, вработува околу 2.000 лица. Просечната бруто плата, согласно податоците на Државниот завод за статистика, за март 2022 година, во дејноста Растително и животинско производство, лов и услужни дејности поврзани со нив, како и во дејноста Производство на прехранбени производи, изнесува близу 38.000 денари. Тргнувајќи од овие претпоставки, само по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување и данок на личен доход, приходите во Буџетот на Република Северна Македонија изнесуваат повеќе од 299.000.000,00 денари, односно повеќе од 4.800.000,00 евра. Дополнително, сериозен е уделот на компаниите од дејноста Конзервирање и преработка на месо во делот на придонес во Буџетот по основ на данок на добивка.

Имајќи го предвид, вкупниот увоз по вредност на производите во тарифните ознаки кои се однесуваат на смрзнато свинско месо наменето за преработки во 2021 година, како и проценетите фискални имликации за ненаплатени царини, по основ на донесените одлуки за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо, приходите од наплатени царини при увоз би изнесувале околу 1.250.000,00 евра.

Конкретниот предлог, на кус рок нема да предизвика дополнителни фискални импликации, бидејќи последните четири години стоките кои се увезуваа во посочените тарифи се увезуваа без царински давачки, а истиот долгорочно овозможува позитивни резултати кај компаниите кои произведуваат преработки од свинско месо, кои ќе придонесат индиректно за позитивни финансиски буџетски ефекти како резултат на приливи по основ на данок на додадена вредност, данок на личен доход за вработените, како и данок на добивка.


 

Служба за информирање при Комората