Дигитализација и кадар со нови вештини за конкурентност на градежниот сектор
➢ Актуелно (03.04.2022, во 14:16:19)
👁 Прочитано: 759



Преземено од МИА.МК
Дигитализација и кадар со нови вештини за конкурентност на градежниот сектор

Дигитализацијата во градежниот сектор е веќе започната на глобално ниво, што е поттик градежната фела да размислува за воведување алатки кои ќе овозможат дигитализирање на процесите и побрз проток на информации. БИМ – Building Information Modeling , е во центарот на дигиталната трансформација на градежниот сектор и прва асоцијација кога ќе се спомене одржливо и енергетски ефикасно градење. БИМ претставува тренд кој се повеќе се применува во секторот особено во развиените западни земји и претставува 3Д-базиран процес што им дава на архитектите, инженерите и градежните професионалци увид и алатки за поефикасно планирање, проектирање, изградба и управување со објектите во насока на усогласено преземање на активностите во процесот на изградбата и одбегнување на можности за грешки во сите фази на изведба на објектот.

Градежниот сектор во нашата држава постепено се приклучува кон модерните трендови и е запознаен со информациското моделирање на градбите. Ако се тргне од фактот дека дигитализацијата е неизбежен процес, тогаш може да се заклучи дека градежните компании ќе мора да ги применуваат современите и иновативните технолошки решенија како предуслов за подигнување на конкурентноста, продуктивноста и ефикасноста на работењето, велат од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.

Уажуваат и дека го следат чекорот со времето и веќе подолг временски период имплементираат проекти кои имаат за цел развој на капацитетите и постепена дигитализација на процесите во градежништвото, имплементирање на постулатите за енергетската ефикасност и исполнување на целите за одржлив енергетски развој. Како пример за тоа ги посочуваат проектите TRAINEE и SeeTheSkills кој ги координира комората. Преку овие проекти активно учествуваат во организирање на обуки и сертифицирање кадри кои ќе го олеснат процесот на воведување и примена на БИМ што претставува прв чекор кон дигитализацијата на градежништвото на национално ниво и зголемување на побарувачката за енергетски ефикасно градење.Досега организираните обуки во рамки на проектот TRAINEE побудиле сериозен одзив за учество на претставници на повеќе од педесетина градежни компании – инженери, архитекти, инвеститори, изведувачи што е потврда дека компаниите имаат интерес да се запознаат со практичната примена и бенефит од примената на оваа алатка. Проектот SeetheSkills , пак предвидува и формирање регистри за сертифицираните работници што ќе овозможи и поголема видливост на лицата кои се стекнале со дигитални вештини на европско ниво.

– Енергетската ефикасност и дигитализацијата несомнено ќе придонесат за јакнење на конкурентноста на градежништвото како еден од секторите кои се двигатели на домашната економија што опфаќа 7,4  проценти од вкупниот број деловни субјекти и вработува 6,8 проценти од вкупно вработените лица во државата, велат од Здружението.

Меѓутоа, како што нагласуваат, пред да се размислува за воведување на БИМ во регулативата и негово предвидување како задолжителна обврска за учество на тендери за големите капитални проекти потребен е внимателен и консекутивен пристап.  Тој пристап ќе треба да овозможи: подготовка на владините институции за обезбедување на поволно деловно опкружување и соодветна правна рамка која ќе овозможи воведување на современите технолошки решенија во градежништвото, подготовка на образовните институции кои ќе работат на прилагодување на образовните програми на потребите на бизнис заедницата, со цел подготовка на стручен кадар кој ќе може да се приклучи во работниот процес и да ги примени новите технолошки решенија, и подготовка на градежните компании да инвестираат во примена на нови програми и технологија, но и во кадар што ќе знае истите да ги применува.

Градежниот е меѓу индустриските сектори опфатени за поддршка преку платформата Skills4Future.mk која има цел на едно место да ги собере компаниите, носителите на политики и професионалците за развој за да истражат и најдат применливи решенија за заедничките предизвици со кои се соочуваат локалните бизниси. Платформата се користи за да се поддржат фирми во трите индустриски сектори: градежен, текстилен и обновливи извори на енергија за да се дискутира и договори нов, можен модел за надминување на недостигот од вештини, кој станува една од најголемите пречки.

Во Извештајот за транзиција 2021-2022 што го изработи Европската банка за обнова и развој, во државава и покрај значајните подобрувања во изминатите години во различни области, сепак ниското ниво на дигитални вештини претставува ограничување кое ја забавува натамошната дигитализација.

Согласно со индексот на дигитализација на ЕБОР на скалата од 100, Северна Македонија е на ниво од 59 проценти во однос на неопходните услови за дигитализацијата и 48 проценти во однос на употребата на дигитални технологии од страна на компаниите и граѓаните, што, е блиску до регионалниот просек.
 

Служба за информирање при Комората