ПРЕКУ СТРУЧНИ АНАЛИЗИ ДО ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ПРИМЕНЛИВИ ЗА БИЗНИСОТ И ВО ИНТЕРЕС НА ДРЖАВАТА
➢ Актуелно (01.04.2022, во 15:13:07)
👁 Прочитано: 699




ПРЕКУ СТРУЧНИ АНАЛИЗИ ДО ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ПРИМЕНЛИВИ ЗА БИЗНИСОТ И ВО ИНТЕРЕС НА ДРЖАВАТА

 

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска оствари средба со менаџментот на „Пивара Скопје“ АД, на која учествуваа министерот за финансии, д-р Фатмир Бесими, како и претставници од Министерството за економија.

На работната средба се разговараше за деловниот амбиент по почетокот на здравствено-економската криза, за проблемите со кои се соочува компанијата во моментов, како и за коморските активности преземени во изминатиот период за поддршка на членките во услови на мултикриза. Притоа, беа отворени одредени прашања во насока на подобрување на бизнис-регулативата во индустријата за производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци и на сокови, кои се во надлежност на двете министерства.

Како што беше оценето од присутните, соработката меѓу компаниите и министерствата е на високо ниво, а денешната работна средба претставува продолжување на дијалогот на бизнис-секторот со Владата на РСМ по повеќето законски измени, со цел решавање одредени проблеми. Преку изработена анализа менаџментот на „Пивара“ АД Скопје ги презентираше последните показатели за движењата во продажбата на алкохолни пијалаци во земјава и можните предлози за унапредување на регулативата.

Инаку, компанијата, која е една од најстарите и најреномирани членки на оваа институција, годинава прославува сто години од своето постоење, јубилеј кој се совпаѓа со одбележување на стогодишнината од формирањето на Комората. Изминативе неколку години, па сѐ до денес „Пивара Скопје“ АД ја зацврсти својата доминантна позиција на домашниот пазар, сериозно се наметна на пазарите во регионот, одбележа четвртина век континуирани признанија на Monde Selection за квалитетот на своите производи и продолжи пријатно да ги изненадува потрошувачите со новитети, кои на традиционално високиот квалитет и на препознатливоста на брендовите им дадоа белег на модерното време во кое живееме.

Васко Ристовски
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување