Кочо Анѓушев, заменик-претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на МЕА (Македонската енергетска асоцијација) ШЕСТ ЧЕКОРИ ДО ФОТОВОЛТАИЦИ НА ПОКРИВ И РЕШАВАЊЕ НА ЧЕТИРИТЕ ПРАШАЊА ЗА ФОТОВОЛТАИЦИ НА ЗЕМЈА
➢ Актуелно (01.04.2022, во 14:07:33)
👁 Прочитано: 1000



„Инвеститорите на фотоволтаици за сопствени потреби треба да се охрабрат, а оние што инвестираат за продажба на струја да бидат повнимателни. И едните и другите да ги следат процедурите за реализација на инвестицијата“
ШЕСТ ЧЕКОРИ ДО ФОТОВОЛТАИЦИ НА ПОКРИВ И РЕШАВАЊЕ НА ЧЕТИРИТЕ ПРАШАЊА ЗА ФОТОВОЛТАИЦИ НА ЗЕМЈА

„Во услови на скапа струја и на неизвесност од цената, фотоволтаиците може да придонесат за обезбедување дел од потребната количина електрична енергија на две основи – кога компаниите сами ќе инвестираат за сопствени потреби или преку инвестирање во производство за други потрошувачи. Но и во едниот и во другиот случај мора да се почитува постапката за реализирање на инвестицијата, која бара одреден период и определени финансиски средства како влог“, вели заменик-претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и претседател на МЕА (Македонската енергетска асоцијација), проф. д-р. Кочо Анѓушев.

Изјавата на Анѓушев следува по драстично зголемениот интерес на компаниите и на инвеститорите за вложување во изградба на фотоволтаични електрани, како и по многуте отворени прашања што ги упатуваат фирмите на адреса на Стопанската комора, од аспект на постапката за реализација на целокупната процедура.

За таа цел, претседателот на МЕА, проф. д-р Анѓушев, ги објаснува двете постапки за инвестирање на компаниите за сопствени потреби и за инвестиција на земја за продажба на електрична енергија. 

Во првиот случај , кога се произведува на покрив за сопствени потреби, компаниите, вели Анѓушев, треба да имаат предвид дека постојатшест чекори што треба да се изодат:

1.

Да се извади решение од Општината, под услов објектот да е запишан во катастар, да е изваден имотен лист и да има проект за статика на покривната конструкција, бидејќи се става дополнителна тежина на покривот.

2.

Ако документите не постојат, за нив треба да се спроведе постапка за легализирање на објектот, но и за изработка на проект за статика на изведена состојба итн.

3.

Да се направи проект за електрика на фотоволтаичната електрана, кој не одзема многу време, ниту, пак, е сложен процес.

4.

Сите горенаведени документи со доставуваат до Општината за добивање решение за поставување опрема на покрив.

5.

Пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија.

6.

Склучување договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија.

Во вториот случај , кога се произведува електрична енергија за продажба од фотоволтаици поставени на земја, претседателот на МЕА вели треба да се затворат четири прашања:

1.

Да се реши урбанистичко-административното прашање. Ако земјиштето не е урбанизирано, треба да се спроведе постапка за урбанизација и да се направи пренамена на земјиштето (пр. од земјоделско во градежно), процес кој, во најдобар случај, трае 6 месеци.

Притоа, треба да се има предвид дека ако станува збор за инвестиција до еден мегават, постапката се води во општините, а над еден мегават во Министерството за транспорт и врски.

2.

Да се побара приклучување на мрежа, каде што произведената електрична енергија ќе се предаде во системот. Овој процес не значи дека приклучувањето на мрежа мора да биде на најблиската приклучна точка, особено кога станува збор за инвестиции поголеми од половина мегават. Операторот на преносниот или на дистрибутивниот систем („ЕВН дистрибуција“ или „МЕПСО“) има обврска да издаде место за приклучок кога е издадена градежната дозвола. Притоа добро би било точката на приклучување инвеститорот да ја провери однапред, бидејќи неретко се случува трошокот за изградба на приклучокот да биде поголем и од инвестицијата во фотоволтаичната електрана.

3.

Снабдување опрема, што е, исто така, постапка, бидејќи најголем дел од опремата или од деловите за опрема се увезуваат од Кина и од други азиски земји и нивната вредност зависи од моментот на испорака и од начинот на плаќање, процес кој може да трае подолго, со што се менува вредноста на целата инвестиција.

4.

Склучување договор со снабдувач на електрична енергија за продажба на произведената струја.

Имајќи ги предвид двете опции, Анѓушев вели дека секој стопанственик кој сака да инвестира за сопствени потреби треба да го направи тоа, но да ги има предвид чекорите што мора да ги спроведе и тоа дека таа инвестиција не се прави преку ноќ, туку потребен е одреден временски период. А секој што сака да инвестира во производство за продажба на струја треба да ги има предвид сите 4 прашања образложени погоре.

Но она што е значајно е дека интересот за вложување во фотоволтаични електрани во следните години може да создаде вишок струја во одредени периоди од денот и од годината, што доведува до намалување на цената на струјата и до промена на планот за враќање на инвестицијата.

Линк до изјавите :

Кочо Анѓушев, фотоволтаици, краток дел

Кочо Анѓушев, фотоволтаици, поголем дел

 

Служба за информирање при Комората