ГРАДЕЖНИШТВОТО НЕ МОЖЕ ПОВЕЌЕ ДА ЧЕКА
➢ Актуелно (21.03.2022, во 16:43:47)
👁 Прочитано: 856



ИТНИ МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ЦЕНОВНИТЕ ПОСКАПУВАЊА НА ГРАДЕЖНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ И ЕНЕРГЕНСИТЕ
ГРАДЕЖНИШТВОТО НЕ МОЖЕ ПОВЕЌЕ ДА ЧЕКА


Состојбата во градежната индустрија е алармантна, а поскапувањата на градежните материјали и енергенсите веќе го доведуваат во прашање опстанокот на градежните компании. Итно е потребно да се разгледаат покренатите иницијативи и надлежните институции да се заложат за надминување на проблемите со цел компаниите од оваа стопанска гранка да ја пребродат кризата. – апел упатен на одржаната седница на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите. 
Економските индикатори за Бруто – домашниот производ ја потврдуваат незавидната положба во која се најде градежништвото по почетокот на пандемијата. Според волуменските индекси кај бруто-домашниот производ според производниот метод, секторот бележи пад во последните две години и тоа од 4% во 2020 година споредено со 2019 година, односно 3,8% во 2021 година споредено со 2020 година. Она што особено загрижува е и намалувањето на бројот на вработени од 1,4% споредено со 2020 година, односно 2,6% споредено со 2019 година, ниската реализација и бавното администрирање на капиталните проекти, како и континуираното намалување на присуството на домашната градежна оператива на странските пазари.
Негативните ефекти од пандемијата на кои се надоврзаа здравствената, економската и енергетската криза континуирано се продлабочуваат што го прави неизвесно деловното опкружување и планирањето на деловната активност. Постојаното менување на цените на материјалите на светските берзи доведуваат до често раскинување на договорите со добавувачите и до неможност за одржливост на цените дадени во понудите од страна на производителите на градежни материјали, но и на изведувачите особено во тендерските постапки. Поради тоа градежниците алармираат дека е неопходно да се разгледаат компаративните искуства (пр.Хрватска) и итно да се донесат мерки со кои ќе се овозможи ревидирање на договорите за јавни набавки од страна на договорните органи во соработка со договорните страни. За таа цел, градежниците веќе имаат предложено конкретни мерки и имаат иницирано средби со надлежните институции, а своите барања доколку не изнајдат конкретни решенија во соработка со институциите се подготвени да ги презентираат и во јавноста.
Во рамки на седницата се дискутираше и за избор на нов член на Управниот одбор и за вршење на оваа функција беше избран г-дин Никола Наумов од ГРАДБА ПРОМЕТ, Кавадарци. 
 

 
м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување