„Реплек АД“: Ги зајакнуваме извозните позиции и освојуваме нови пазари
➢ Актуелно (18.03.2022, во 08:10:06)
👁 Прочитано: 742




„Реплек АД“: Ги зајакнуваме извозните позиции и освојуваме нови пазари

„Реплек АД“ ги зајакна своите извозни позиции на пазарите во Европската унија, проширувајќи го портфолиото на производи кои се достапни во овие земји. Компанијата истовремено го продолжи и својот пробив во Африка и Азија, па покрај присуството на повеќе од десет азиски пазари, наскоро ќе биде присутна и на пазарот во Јордан.

Зајакнувањето на извозните позиции е резултат на извозната стратегија, која преку диверзификација на извозот и позиционирање на брендовите цели кон создавање на нова додадена вредност за компанијата. За прв пат е осигурен и извозот на одредени пазари, со што се намалуваат евентуалните ризици, што е од исклучително значење во услови на здравствена и политичка криза. Компанијата започна и развоен циклус за модернизација, дигитализација и унапредување на деловните процеси, а се планира и проширување на портфолиото, како и модернизирање на нивниот корпоративен визуелен идентитет. Компанијата веќе започна со имплементација на иновативни решенија и зголемување на капацитетите. Инвестициите во нови погони се во завршна фаза и до крајот на пролетта ќе бидат ставени во функција.

-Нашата визија е да ги задржиме вредностите на компанијата, но и да направиме нивен спој со нови иновативни решенија кои ќе резултираат со поголема продуктивност и ефикасност во работењето преку дигитализација, нови производи и освојување на нови пазари. Истовремено ќе создадеме подобри услови за нашите вработени, овозможувајќи континуирана едукација и доусовршување. Сите овие процеси ќе придонесат за унапредување на резултатите од нашето работење. Преку инвестициите ќе го подигнеме квалитетот на нашето портфолио и ќе освоиме нови стратешки пазари што ќе ја зголеми вредноста на компанијата. Промените кои храбро ги отпочнавме веќе ги даваат првите позитивни резултати, што е значајно и за нашата компанија, но и за акционерите и за заедницата во целина, истакна Душан Пецовски, претседател на Управниот одбор на „Реплек АД“. Покрај пробивот на нови пазари, „Реплек АД“ ќе работи и на подобро позиционирање на своите производи на домашниот и регионалните пазари.

„Реплек АД“ вработува околу 500 лица, а компанијата е основач и на „Реплек Фарм“, која од 2011 година го поседува ГМП сертификатот на Европската Унија за добри производни практики во фармацевтската индустрија. „Реплек АД“ е извозно ориентирана компанија која на странските пазари пласира 75 отсто од своето производство, додека останатиот дел од 25 проценти отпаѓа на домашниот пазар. Производите на компанијата се присутни во повеќе од 25 пазари во целиот свет. Најголеми пазари на кои се присутни производите на Реплек АД Скопје, покрај оние на земјите од ЕУ, се и пазарите на Русија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Виетнам и други.

Служба за информирање при Комората