Огромен успех за женското претприемништво Валентина Тасева со меѓународна награда за најкреативна жена – претприемач на годината за Западен Балкан
➢ Актуелно (16.03.2022, во 08:14:19)
👁 Прочитано: 842




Огромен успех за женското претприемништво Валентина Тасева со меѓународна награда за најкреативна жена – претприемач на годината за Западен Балкан

На 11.03.2022 во Тирана, Албанија, хибридно се одржа меѓународната церемонија „Women who launch“ , во организација на Регионалниот совет за соработка | Иницијатива за жени претприемачи на годината од Западен Балкан. Валентина Тасева, Генерален директор и сопственик на Семос Едукација, членка на Стопанската комора на Северна Македонија триумфираше како победник во категоријата „Креативна жена претприемач на годината за Западен Балкан“, како доказ за нејзината креативност во бизнис процесите и успешното лидерство.

Во рамките на оваа иницијатива, граѓани и засегнати страни од Западен Балкан беа поканети да номинираат успешни и инспиративни жени претприемачи од регионот во 6 категории со цел да им се даде признание за посебни заслуги во соодветната категорија.

„Креативноста е една од главните вредности на Семос Едукација, а оваа меѓународна награда за креативност ќе биде поттик за компанијата за континуирано создавање трајни вредности и иновирање во насока на промоција на женското претприемништво.“ - изјави Валентина Тасева по повод оваа награда.

Семос Едукација континуирано ги следи трендовите во дигитализацијата, активно го промовира и поддржува женското претприемништво и ги мотивира жените да се движат во насока кон кариерен раст. Со жена – лидер на чело на компанијата и 68% жени од вкупниот број на вработени, Семос Едукација се стреми да промовира вредности за поттик на претприемничкиот креативен начин на размислување, особено кај жените во IT индустријата.

„Успешните претприемачи дејствуваат како совршена синергија помеѓу креативниоста и бизнисот, одговорноста да се работи на креирање постојани новитети преку лична мотивација и дисциплина и поставување стабилни насоки за движење на бизнисот. Женското претприемништво, особено во дигиталниот свет е спектар на можности за учење од „светскиот онлајн колеџ“ на дигитални вештини – достапни секаде и за секого, предизвик да се излезе надвор од комфорната зона и да се споделат знаења, искуства и практики со светот.“ – додаде Тасева за креативноста во женското претприемништво.

Семос Едукација е еден од најголемите центри за IT едукација во југоисточна Европа кој што од Македонија работи глобално за целиот свет и тоа го прави мошне успешно веќе цели 26 години.  Со 110.000+ слушатели, присутен во 34+ земји на светско ниво, со 43 вработени, 140+ тренери експерти во својата област и 300+ обуки наменети за бизниси, IT експерти и ученици кои ја започнуваат својата IT кариера.

 
м-р Анета Димовска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување