ОТПОЧНУВА ЧЕТИРИМЕСЕЧНАТА ПРОГРАМА ЗА РАЗВОЈ НА СТАРТАП БИЗНИСИ 
➢ Актуелно (09.03.2022, во 14:31:33)
👁 Прочитано: 842




ОТПОЧНУВА ЧЕТИРИМЕСЕЧНАТА ПРОГРАМА ЗА РАЗВОЈ НА СТАРТАП БИЗНИСИ 

Како дел од активностите во рамки на Советот за унапредување на високото образование и стратешки планирања при Стопанската комора на Северна Македонија, денес со реализација отпочна Програмата за развој на стартап бизниси.

Д-р Глигор Бишев, претседател на Советот за високо образование и стратешки истражувања во своето обраќање истакна дека Стопанската комора на Северна Македонија го поддржува новиот концепт на организирање Старт ап Академија преку која ќе се мотивираат и охрабрат младите ентузијасти со напредни идеи и подготвен бизнис план да ги презентираат пред соодветни инвеститори, посочувајќи дека Комората ќе ја понуди и својата инфраструктура на релации со бизнисите, како во земјава, така и во странство, за стартапите да бидат што побрзо прифатени и вмрежени.

-Стартап економијата е најдинамичниот сегмент од секоја национална економија и во него се раѓаат нови идеи, нови технологии, претежно од млади ентузијасти. Дел од нив подоцна стануваат газели кои го движат економскиот раст и развој. Стопанската комора одлучи да го поддржи и да го охрабри и овој сегмент од економијата преку организирање стартап академија. Преку академијата ќе се мотивираат и охрабрат пред се младите ентузијасти кои имаат напредни идеи, идеи за нови технологии, да ги развијат, да направат соодветен бизнис план и во рамки на Стопанската комора да ги презентираат пред соодветни инвеститори, истакна Бишев.

Програмата за развој на стартап бизниси нуди можност за вмрежување со компаниите во Комората и презентација на бизнис идеите пред финансиски институции за финансирање на стартап бизнисите подвлече д-р Ристо Иванов, ментор на програмата и сертифициран менаџмент консултант со експертиза во претприемништвото, конкурентост и градење капацитети на поединци и на организации. Д-р Иванов додаде дека Програмата е наменета за млади невработени лица, но и вработени лица кои имаат желба за започнување бизнис и се мотивирани за стекнување вештини од областа на претприемништво, планирање на бизнисот и пристап до инвестиции за започнување на бизнисот. Најголем интерес за обуките од оваа Програма има од страна на услужниот сектор особено во делот на дигитализацијата.

Предавањата ги отвори Јадранка Аризанковска проектен менаџер од Стопанската комора на Северна Македонија која истакна дека во реализација на Програмата се вклучени повеќе од 20-тина реномирани предавачи и претставници на успешни стартап компании. Предавањата се замислени така што сите модули на почетокот ќе имаат краток теоретски вовед во секоја поттема, а потоа следуваат предавања со практични примери, искуства и со менторски пристап од предавачите, со индивидуални вежби за примена на стекнатото знаење врз избраната бизнис-идеја. Секој модул има свој ментор, а на предавањата голем удел ќе имаат интерактивноста и вежбите според најновите европски и светски пристапи. 

Првиот модул на тема: “Претприемачките вештини и нивната примена во развивањето на бизнис идејата“ има за цел да го оспособи учесникот да избере и да развие идеја за започнување бизнис, да стекне знаење за алатките за проценка на изводливоста на пазарот и да го подготви за следниот модул од обуката. Исто така учесниците ќе имаат можност да се запознаат со претприемачките вештини и преку млади претприемачи коишто ќе им ги пренесат искуствата за мотивацијата од отпочнување на сопствен бизнис, важни карактеристики за постигнување на успех, најтешките одлуки и препораки за сите кои сакаат да започнат свој  бизнис.

Како мотивациони говорници, предизвиците и препреките со кои се соочиле во патот кон успехот на создавање на успешна стартап компанија се претставија Михаела Поповиќ и Наде Богоевска со својата стартап компанија, како и Игор Маџов, креатор и коосновач на Стартап Македонија.  

 
Служба за информирање при Комората