ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА РУДАРСТВОТО
➢ Актуелно (01.03.2022, во 15:34:34)
👁 Прочитано: 597




ОДРЖАНА СЕДНИЦА НА МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА РУДАРСТВОТО

Тековните предизвици во работењето на рудниците, предложените измени на законските прописи од областа на минералните суровини и регулирањето на статусот на бесправно изградените објекти, како и актуелните состојби во секторот рударство и вадење камен беа предмет на дискусија на online седницата која ја одржа Македонската асоцијација на рударството на 1.3.2022 година.
    Присутните дискутираа за правниот третман на линиските инфраструктурни објекти имајќи го предвид предложениот текст на Законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти во собраниска процедура, но и состојбите на терен кои ги засегаат рударските компании и во таа насока оценија дека е потребно да се покрене иницијатива за ревидирање на предложениот текст со која ќе се овозможи овој закон да ги реши моменталните ситуации во практиката настанати од минатото и да дозволи компаниите да ги легализираат овој тип на објекти кои тие ги владеат и одржуваат.
    Осврт беше даден и на актуелните глобални случувања и можните негативни влијанија од руско – украинскиот конфликт врз рударскиот сектор и врз националната економија, при што беше оценето дека иако можеби нема да се чувствуваат директни влијанија, компаниите несомнено ќе почувствуваат индиректни влијанија предизвикани од драстичниот раст на цената на енергенсите и репроматеријалите на светските берзи, но и од набавките на опрема и технологии од овие земји.
    Присутните разговараа и за престојните активности на Македонската асоцијација на рударството и за потребата од активно вклучување на членките во следниот период во подготовката на Анализата за состојбите во секторот рударство и вадење камен, која има за цел да даде приказ на секторот, економските индикатори, видовите минерални суровини и доделените концесии за минерални суровини во нашата држава, правната рамка и деловниот амбиент за работа на рударските стопански субјекти.

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување