МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ ПРЕТСТАВЕНИ НА САЕМОТ ISM 2022 ВО КЕЛН
➢ Актуелно (04.02.2022, во 19:39:13)
👁 Прочитано: 1047




МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ ПРЕТСТАВЕНИ НА САЕМОТ ISM 2022 ВО КЕЛН

 

Најголемите шест македонски компании од кондитроската индустрија и членки на Стопанската комора на Северна Македонија изложуваа на „најслаткиот саем во светот“, саемот ISM 2022 во Келн, Германија, кој кој се одржа од 30 јануари-2 февруари 2022 година. Своите производи ги изложија „Витаминка“, „Макпромет“, „Макпрогрес“, „Виталиа“, „Лион“ и „Макс фуд“.

Годинава, иако под силно влијание на пандемијата, со програмата, учесниците, активностите и можностите што ги нуди, ISM Келн уште еднаш си ја потврди репутацијата како најзначајно место за промовирање на еден производител. „Витаминка“ е редовен изложувач тука и во досегашното искуство раководството на компанијата се увери во придобивките и реалните резултати. Истовремено, со својата разновидна, богата и квалитетна понуда, компанијата високо се позиционираше во нивото на производители и изложувачи присутни тука.

Од „Макпрогрес“ информираа дека како компанија со интернационално портфолио и оваа година успешно се претставуваат со нивните брендови Vincinni и Donia како и новитетите кои следуваат наскоро на пазарот за потрошувачите.

ISM Келн е најголем светски саем специјализиран за кондиторија. Тука изложуваат најзначајните фирми од оваа индустрија и доаѓаат посетители од целиот свет. Оваа година на саемот во Келн учествуваат повеќе од 1.800 производители од 76 земји од светот, а се очекуваат повеќе од 38.000 посетители од индустријата и сегментот кондиторија од сите страни на светот.

Служба за информирање при Комората