И покрај многуте реформи на кои работиме, концепти, стратегии и проекти кои ги спроведуваме, според Извештај на Европската комисија за напредокот на нашата земја, никако не можеме да излеземе од магичниот круг на умерена подготвеност во делот на образованието.
Сето ова ме поттикна да помислам на Владимир и Естрагон од драмата „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет, кои упорно го чекаат Годо, кој никако да дојде. Стојат така, зборуваат нешто, и чекаат да дојде Годо, па конечно животот да им тргне на подобро. И веднаш можеме да се препознаеме. Се така чекаме, без да навлеземе во проблематиката зошто ова ни се случува и да си признаеме дека нешто грешиме во спроведувањето на реформите. Но ако сериозно пријдеме на состојбата, заклучокот е следен:
1. Реформите секогаш нѐ дочекуваат неподготвени и токму заради тоа многу долго и бавно се реализираат;
2. Нови реформи со нови министри. Пракса стана да се менуваат министрите за образование секоја или на секои две години, а со тоа да се започнува со нови реформи;
3. Реформите кои се започнати никогаш не го гледаат крајот, а со тоа разбирливо не можат да се почувствуваат нивните ефекти, придобивки или слабости;
4. Реформите во образованието немаат стабилна државна финансиска поддршка, а со тоа се неодржливи. Во 2021 година, јавните расходи за образование и обука изнесуваа 3,2% од БДП, во споредба со просечните 3,7% од БДП во изминатите пет години;
5. Реформите, практично забораваат на еден многу важен аспект - фокусот да го стават на ученикот, бидејќи ученикот е тој, од кој треба да се тргне и од кој треба да произлезе резултатот што го посакуваме: млади луѓе потковани со применливо знаење и вештини според новите современи текови, изградени и подготвени за живот и вклучување во работните процеси во компаниите.
Ваквите состојби влијаат на развојот на вештините и компетенциите кај завршените ученици и студенти, а тоа го покажува и податокот на Европската комисија дека и понатаму, околу 80% од невработените се долгорочно невработени, поради несовпаѓањето на вештините. Невработеноста кај младите и понатаму останува висока и изнесува 35,7%, што е приближно исто како и минатата година, и неколку претходни години по ред, иако е постигнато значително намалување (околу 10%) од 2018 година. Невработеноста посебно се одразува кај жените и младите, како и кај лицата со ниско ниво на квалификации.
И ако се вратам на драмата „Чекајќи го Годо“, тие не ја губат надежта, бидејќи на крајот на денот неочекувано се појавува малото момче кое им соопштува дека Годо нема да дојде, но многу е веројатно да дојде следниот ден. И повторно започнува чекањето.
Тоа е слично со забелешката на Европската комисија која, иако нотирала умерена подготвеност во образованието сепак ни посочува дека е постигнат ограничен напредок во однос на минатогодишните препораки. Тоа значи дека сме направиле мал чекор, но секогаш тоа го правиме сегментирано во одредени области на образованието. Но ако се сака, може да се успее. Позитивен резултат даде напорот во преземање чекори за унапредување на стручното образование и обука што е нотирано преку донесување на неколку квалификации, подобрување на наставните програми, воведување реформирана четиригодишна програма за стручно образование и обука во стручните училишта и зајакната соработка со приватните компании, што беше резултат на социјалниот дијалог помеѓу образовните институции, коморите и приватниот сектор и идентификување на потребите на бизнис секторот на локално и регионално ниво , преку кампањата „Учи паметно, работи стручно“. Додадена вредност беше креирањето на релевантна уписна политика и раст на бројот на запишани ученици во стручното образование за 6%. Но останува препораката да се стави поголем акцент на зголемување на процентот на практичната обука во компаниите за да биде подготвен ученикот за полесна транзиција на пазарот на трудот.
Забелешките на Комисијата беа упатени и на високото образование. Наставните програми не се добро приспособени за оспособување на дипломираните студенти со потребните вештини за да одговорат на побарувачката за работна сила на пазарот на трудот. Работодавачите бараат лица со високообразовни квалификации, но вработуваат дипломирани студенти без стручни вештини и компетенции.
Вложувањата на нашата земја во науката и иновациите наликува на старото дрвото во драмата на Бекет покрај кое стојат Владимир и Естрагон. Европската комисија нотирала дека иновациската дејност останала ниска, со 0,4% од БДП. Тоа значи дека расходите на стопанството за истражување и иновации не се зголемени во последните години и се под просекот на Европстата Унија (ЕУ). Според мерилата на ЕУ за иновации, и покрај сите напори што ги прават поединци, земјата ја сметаа за скромен иноватор.
Кои се препораките на Европската комисија што треба да ги направи државата за да не останеме во магичниот круг и понатаму да го чекаме Годо?
1. да ја спроведе стратешката рамка за образование, особено целите за предучилишно образование и реформата за стручното образование и обука;
2. да ја забрза реформата на образовниот систем;
3. да го зголеми финансирањето на системот за стручно образование и обука и на високото образование;
4. да ја подобри поддршката за обука и професионален развој на наставниците и да осигури дека е воспоставен ефикасен процес на оценување;
5. да го уреди системски, во законодавната рамка, процесот на валидација на неформалното и учење (ВНУ) и да воспостави целосно оперативен систем за ВНУ;
6. да воспостави децентрализиран систем за образование на возрасни со поголем фокус на практичната обука;
7. да го подобри пристапот до активните мерки на пазарот на трудот за нискоквалификуваните невработени лица и за ранливите лица;
И на крај, пак се враќаме на почетокот, како во драмата на Бекет, но можеби ќе станеме свесни дека вчера чекавме, но не помалку од денес, но не помалку од утре. Можеби тоа ќе нè натера да сфатиме дека треба сериозно да се фатиме за работа за да ги завршиме започнатите реформи за да не ни се повторуваат истите препораки од минатата година, предминатата година и така со години наназад, а ние да чекаме да ни се подобри квалитетот на образованието.
П.С. Споредбата со драмата „Чекајќи го Годо“ од ирскиот писател Семјуел Бекет е намерно направена.