ЗГОЛЕМЕНИ ТРОШОЦИТЕ НА ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ ВО УСЛОВИ НА НИСКА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ
➢ Актуелно (09.12.2021, во 14:43:17)
👁 Прочитано: 1202




ЗГОЛЕМЕНИ ТРОШОЦИТЕ НА ГРАДЕЖНИТЕ КОМПАНИИ ВО УСЛОВИ НА НИСКА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ

Зголемување на бројот на вработените од 3,1 % и пораст на просечната исплатена нето плата по вработен од 6,1% во градежништвото во услови на ниска реализација на капиталните инвестиции и намален ангажман на градежната оператива во делот на нискоградбата го одбележаа градежништвото во првите три квартали споредено со истите претходната година. Растот на бројот на вработените и платите во услови на зголемени трошоци како резултат на покачувањето на цените на градежните материјали, работната рака и другите услуги во приватниот сектор упатува дека градежните компании го понесоа товарот за време на здравствено – економската криза предизвикана од пандемијата – беше посочено на денешната седница на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите.

Присутните дискутираа за состојбите во градежништвото анализирани низ призмата на економските индикатори, за предизвиците во секојдневното работење и за планираните активности за следната година кои ќе се фокусриаат на решавање на проблемите во високоградбата и нискоградбата, потребите поврзани со обезбедувањето на квалификуван кадар во компаниите и недостатоците на правната рамка од областа на градењето. 

Осврт беше даден и на поднесените иницијативи до надлежните институции со кои градежниците побараа донесување на пакет антикризни економски мерки за поддршка на секторот, отстранување на нецаринските бариери во земјите од регионот кои ја отежнуваат надворешно – трговската размена на градежните производи и појаснување на обврската за ангажирање на домашни капацитети при реализација на проектите за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп - Битола). Со цел да се информираат за преземените активности од институциите и степенот на реализација на иницијативите, заклучија да се побара одржување на работна средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување