НЕМА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ БЕЗ РЕФОРМИ И ИНВЕСТИЦИИ ВО ЖЕЛЕЗНИЦАТА
➢ Актуелно (01.12.2021, во 13:29:44)
👁 Прочитано: 1565




НЕМА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ БЕЗ РЕФОРМИ И ИНВЕСТИЦИИ ВО ЖЕЛЕЗНИЦАТА

Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија м-р Антони Пешев, реализираше работна средба со новиот генерален директор на компанијата Либерти Скопје г-н Арџун Залани. На средбата г-н Залани, ја презентираше својата визија за развој на компанијата чија цел е да произведе безбеден челик, но и да обезбеди услуга со краток рок на испорака на истиот до клиентите.

Клучен проблем на оваа компанија изминатите денови беше прекинот во железничкиот транспорт во нашата држава, со кој се доведе во прашање непреченото функционирање на набавките и испораката на финалните производи од Либерти Скопје, од и кон странските добавувачи и купувачи. На средбата се констатираше дека по серијата интензивни контакти и интервенции до надлежните институции проблемот со петдневниот прекин на транспортот е надминат, но и во иднина останува неизвесноста предизвикана од неквалитетниот железнички сообраќај во државата и во регионот.

Имено, прекините во работењето на „Македонски железници“ кои се непредвидени, како и квалитетот на железничката инфрструктурна поврзаност на Република Северна Македонија со соседните држави претставуваат сериозна пречка во тековното работење на компаниите кои заради природата на дејноста се упатени да го користат железничкиот транспорт. Овие проблеми претставуваат и ограничувачки фактор во реализација на нови бизнис планови за зголемувањето на обемот на производство и извоз од државата. Компанијата посочи дека и во регионот, конкретно во Република Србија железничкиот транспорт се одвива забавено заради реконструкција и изградба на дел од железничката инфраструктура.

Бидејќи, квалитетот на железничкиот транспорт е императив за работењето на повеќе компании членки на Стопанската комора на Македонија од металургијата, но и од други сектори без кои нема економски развој, м-р Антони Пешев изрази подготвеност за натамошни разговори со надлежните институции, Министерството за транспорт и врски и Владата на Република Северна Македонија за надминување на проблемите со „Македонски железници“, но и разговори за подобрување на железничката инфраструктура во државата и регионот.

Покрај останатото, на средбата помеѓу м-р Антони Пешев и г-н Арџун Залани се дискутираше за актуелната енергетска криза и за тоа како Либерти Скопје се справува со набавка на енергенси кои се неопходни за непречено одвивање на производниот процес.

Либерти Скопје е еден од најголемите производители на челични производи (ладно валан челик, поцинкувани котури и плочи и пластифицирани котури) на Балканот, кои главно се наменети за градежништвото и индустријата, а се пласираат во повеќе држави во регионот и во Југоисточна Европа. Годишниот производствен капацитет на компанијата е 750к тони ладновалан, 200к тони поцинкуван и 77к тони пластифициран челик, а почнувајќи од топловалани котури како влезен материјал, фабриката има постројки за да го реализира постапното третирање на производите: лужење, ладно валање, жарење, поцинкување, пластифицирање и пакување. Либерти Скопје во моментов вработува околу 480 лица.

 

м-р Анета Димовска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување