Промотивен ден на Португалија во Стопанската комора на Македонија - ПОРТУГАЛСКИТЕ БИЗНИСМЕНИ НАВЕСТУВААТ ИНВЕСТИЦИИ НА БАЛКАНОТ

   

АКТУЕЛНО / 10.11.2010
👁 Прочитано: 962


Промотивен ден на Португалија во Стопанската комора на Македонија - ПОРТУГАЛСКИТЕ БИЗНИСМЕНИ НАВЕСТУВААТ ИНВЕСТИЦИИ  НА БАЛКАНОТ

     Економските односи меѓу Република Македонија и Република Португалија  се на доста незадоволително ниво. Ниското ниво на соработка, пред се`, се должи на малиот интерес на португалските компании да дојдат во Македонија и да бидат инвеститори. Тие се големи инвеститoри во прекуокеaнските земји, особено во Бразил, и не се многу присутни на европското тло. Можеме да соработуваме и да разменуваме со оваа земја и сметам дека оваа средба ќе придонесе бизнисмените од двете земји да направат нешто во тој правец.  

Изгледни се можностите  за нашата текстилна индустрија и градежништвото за  настап на овој пазар, но и во многу други области постојат услови за соработка.
Ова  го истакна  Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје на Промотивниот ден на Португалија што се одржа во Стопанската комора на Македонија (10.11.2010 година). На презентирањето на оваа земја присуствуваа и нејзиниот амбасадор задолжен за Република Македонија, Н.Н. Луис де Алмеида Сампаио, како и претседателот на Стопанската комора на Португалија - Западен Балкан, Роландо Боргез Мартинз и претставници на португалски компании од најрепрезентативните кластери од оваа земја. На Промотивниот ден на Португалија од македонска страна присуствуваа градоначалници, директори на индустриски зони, компании-членки на најбројната  и најстарата бизнис-асоцијација во земјава, како и  м-р Јелисавета Георгиева, генерален секретар на Стопанската комора на Македонија.
     - Политичките односи меѓу двете држави се на исклучително ниво, бидејќи Португалија е членка  на Европската унија. Но, низ бројки извозот на земјава лани е многу мал и се движел нешто над 24 милиони евра. Од тоа, 11 милиони евра е суфицит на македонска страна. Всушност, една поголема македонска компанија има повеќе приход отколку што е размената со Португалија, - додаде Горан Рафајловски.


     Португалските бизнисмени, според Рафајловски, имаат добри можности за гринфилд инвестиции во земјава, посочувајќи ги неколкуте економски зони, посебно Бунарџик, што е во непосредна близина на скопскиот аеродром. Тој ги повика инвеститорите од оваа земја да го погледнат планот за развој на општина Гевгелија, и да ги испитаат можностите за вложување во бизнисот со игри на среќа.
     Роналдо Боргес Мартинс, претседател на Стопанската комора на Португалија - Западен Балкан, истакна дека пред два месеца е  формирана оваа асоцијација  со цел да се зголеми и да се зајакне економската соработка со земјите од овој регион. И тоа токму преку  директни контакти со  компаниите. Според него, Република Македонија може да ги користи искуствата од евроинтегративниот процес на Португалија.
      За Португалија посебно се значајни секторите градежништво, урбанизам и архитектура и енергија од обновливи извори, каде што се бележат значајни резултати и во земјата и во светот. Градежните компании имаат многу успешни приказни во земјите од Африка и Јужна Америка, како и во ЕУ, а нивна цел сега е Западен Балкан. Исто така, Португалија е најуспешна европска земја во зголемување на производството на енергија од обновливи извори на енергија.   Тоа се секторите каде што може заеднички да се работи и да се користат   средства од европските фондови, - посебно подвлече Роналдо Боргес Мартинс.
      Амбасадорот на Португалија, кој ја покрива Република Македонија, Луис де Алмеида Сампаијо, нагласи дека оваа држава е заинтересирана за поблиски економски односи со регионот, вклучувајќи ја и земјава. Пред бизнисмените тој вети зголемени инвестиции во наредниот период.
      Претседателите на Регионалната комора со седиште во Скопје и на Стопанската комора на Португалија - Западен Балкан, Горан Рафајловски и Роландо Боргез Мартинз, во оваа прилика потпишаа Спогодба за соработка. Компаниите од двете земји имаа и бројни билатерални средби.
       

Саво Пејчиновски