Средба меѓу бизнис-секторот и Управата за јавни приходи за прашања од меѓусебен делокруг - ПАРТНЕРСКИ ВО ОТСТРАНУВАЊЕ НА АНОМАЛИИТЕ

   

АКТУЕЛНО / 27.10.2010
👁 Прочитано: 964


Средба меѓу бизнис-секторот и Управата за јавни приходи за прашања од  меѓусебен делокруг - ПАРТНЕРСКИ  ВО ОТСТРАНУВАЊЕ НА АНОМАЛИИТЕ

      Во организација на Град Скопје, на 27.10.2010 година се одржа средба меѓу стопанствениците од трите стопански комори и Управата за јавни приходи како продолжување на соработката меѓу бизнис-заедницата и Управата за јавни приходи. Средбата што се одржа на иницијатива на градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и стопанските комори, во организација на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, имаше за цел унапредување на соработката меѓу градот како единица на локалната самоуправа, централната власт и бизнис-секторот.


       На работилницата, што беше посветена на “Проблемите со кои се соочуваат стопанствениците во текот на работењето, до делокругот на УЈП и предлог на можни решенија”, свои кратки излагања имаа претставниците од трите стопански комори кои ја истакнаа важноста од одржувањето на една ваква средба, како и претставникот од Управата за јавни приходи,  Љупчо Јовановски, кој истакна дека управата гради еден партнерски однос со стопанствениците, се` со цел да ја доближи и да ја олесни работата на даночните обврзници. Исто така, од страна на претставниците на Управата за јавни приходи беа извршени повеќе презентации за начинот на оданочување на правните лица во Република Македонија со данок на добивка; за оданочување по основ со данок на додадена вредност, како и презентација за имплементација на персоналниот данок од доход.
        Претседателот на Регионалната комора со седиште во Скопје,  Горан Рафајловски, го истакна унапредувањето на соработката меѓу Управата за јавни приходи и претставниците од бизнис-заедницата, но истакна дел од проблемите со кои се соочуваат даночните обврзници.Тие се однесуваат на три групи на прашања.
       * Недоследна примена на законските прописи
       1. Се проблематизираат прашањата во врска со непризнатите расходи, особено сега кога согласно Законот за данокот на добивка, основица за пресметка на данокот се т.н. непризнати  расходи. На пример, отписот на ненаплатени побарувања се инсистира од УЈП да бидат отпишани за 1 година согласно Меѓународните сметководствени стандарди, или за 3 години според Законот за облигационите односи (отписот на побарувањата како непризнати расходи е всушност оданочување на загуба).
     2. Пресметаната амортизација, која е зголемена за 50% од    пропишаната стапка, не им се признава како расход во даночниот биланс, односно е оданочена со данок на добивка.
      3. He ce признаваат договорите за оперативен наем, односно истите се третираат како финансиски наем.
      4. На интернет-страницата на УЈП, на 25.02.2010 година, во 17 часот, неполни три дена пред крајниот рок за предавање на годишните сметки (28.02.2010 година) објави дополнителни појаснувања во врска со даночниот кредит во образецот
     Даночен биланс за оданочување на непризнатите расходи за 2009 година и тоа со ретроактивна примена.


      *Давање можност за исправање на фактура

 
        На пример, ако на влезната фактура не стои точна адреса на примателот, а фактурата сепак е примена кај примателот, му се оспорува правото на враќање на претходниот данок. Ова се случува заради честите промени на адресите, поштата да се испраќа на поштенски фах. Во Стопанската комора сметаат  дека треба да му се дозволи на примателот да може да ја исправи сопствената адреса во фактурата, бидејќи не претставува некој суштински пропуст, а со тоа и да не му се оспорува правото на враќање на данокот.
 

     *Заеднички интерес за донесување на правилник за признато   кало, растур, расипување и кршење


       Стопанската комора на Македонија достави до Министерството за финансии Предлог на правилник за признато кало, растур, расипување и кршење и оценува дека во интерес на двете страни е да се делува што побрзо да се донесе овој правилник, особено што веќе започнуваат и годишните пописи.
      Во обемната расправа беа поставувани голем број прашање од страна на стопанствениците кои се однесуваа на повеќе проблеми:  некоординација меѓу УЈП, Царинската управа на РМ и Министерство за финансии, како и прашања како да се реши проблемот на создавање нелојална конкуренција во Република Македонија, поефикасно плаќање на даноците и решавање на проблемот со „сивата„ економија.
  
                                                                           Сашо Деспотовски