Прес-конференција на Стопанската комора на Македонија за Предлог-текстот на правилникот за пазарни правила за електрична енергија - ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА СТИГНУВА СО ЕСЕНТА

   

АКТУЕЛНО / 10.05.2010
👁 Прочитано: 957


Прес-конференција на Стопанската комора на Македонија за Предлог-текстот на  правилникот за пазарни правила за електрична енергија - ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈАТА СТИГНУВА СО ЕСЕНТА

      Предлог-текстот на правилникот за пазарни правила за електрична енергија, којшто наскоро треба да биде донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика на РМ, беше темата на редовната прес-конференција што се одржа во Стопанската комора на Македонија (10.5.2010 година). За решенијата и предлозите на производителите и големите потрошувачи пред новинарите зборуваше претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА),  Димитар Хаџи-Мишев.
     - Станува збор за исклучително значајна регулатива, во која евентуелното несоодветно дефинирање на цената на балансната енергија може да имплицира сериозни последици врз индустријата, - истакна д-р Димитар Хаџи-Мишев.


      Како што објасни Хаџи Мишев, стопанствениците го поддржуваат приближувањето кон легислативата на ЕУ, но само доколку се обезбедат услови за целосно отворање на пазарот на електрична енергија. Во тој контекст, како основни предуслови, рече тој, се наведуваат берзата на електрична енергија и обезбедување понуда на доволни количини на балансна енергија, како фактор при формирање на нејзината цена.
      Во вакви услови, како единствено прифатливо решение за заштита на релативно малата група квалификувани потрошувачи е да остане часовното, дневно и неделно балансирање на електричната енергија, а нивното активирање да зависи од условите на пазарот. Засега во документот е предвидено часовно балансирање што беше барање и на МЕА,  –  истакна Димитар Хаџи-Мишев.
      Доколку не се имаат предвид обемот на сегашниот и на идниот пазар на електрична енергија, се поставуваат неколку отворени прашања сврзани со применливоста на документот: услови за формирање само една балансна група од постојните квалификувани потрошувачи, како и прашањето за субјектот-трговец кој што ќе формира балансна група во која би вршел размена на електрична енергија со прифатливи трошоци за квалификуваните потрошувачи, а во услови на стабилен систем.
      Со оглед дека суштината е во балансната, а не во основната енергија, беше даден предлог на техничко решение, кое не се коси со барањата на ЕУ, а наедно има позитивни искуства од неговата примена во други земји. Предлогот е да се дозволи ЕЛЕМ еден дел од својот производствен капацитет да го издвои како нерегулиран капацитет, кој ќе го стави на мериторната листа, а притоа цената  дневно да се лимитира на ниво на берзанска цена плус 30% за балансната енергија. Со ова ќе се реши прашањето со цената на балансната енергија на квалификуваните потрошувачи, а и производителот ќе има адекватна добивка.
       Донесувањето на пазарните правила за електрична енергија би биле прилагодени на електроенергетскиот систем во државата, но и на можностите на потрошувачите, во актуелните услови и опкружувањето во коешто истите се донесуваат. Квалификуваните потрошувачи би требало целосно да го понесат товарот од промената на пресметковниот период на урамнотежување меѓу номинираните и искористени количини електрична енергија – беше кажано на прес-конференцијата.

 


      Според претседателот на МЕА, документот ќе се донесе најдоцна  до јуни/јули со преоден период од неколку месеци за тестирање на сите дадени решенија.
      - Во сила Правилникот ќе влезе после преодниот период и сметам дека овој документ е потребен и ова ќе биде добро решение за регулирање на електроенергетскиот систем во Р. Македонија, особено што за некои од потрошувачите ќе има и намалување на цената на потрошената електрична енергија, – додаде Хаџи-Мишев.
                                                                                                            Анета Стојкоска