СКСМ – КОМОРА НА ИДНИНАТА - СИСТЕМИТЕ САП – ИДНИНАТА НА МАКЕДОНСКИОТ БИЗНИС- Интервју со Воислав Гениќ, генерален бизнис-менаџер во SAP West Balkans
➢ ИНТЕРВЈУ (15.09.2021, во 12:24:17)
👁 Прочитано: 425




Интервју со Воислав Гениќ, генерален бизнис-менаџер во SAP West Balkans

Објаснете што е SAP денес во светот на информатичката технологија.

Долги години SAP е светски лидер во производството на деловен софтвер и спаѓа во редот на најголемите софтверски ИТ-компании воопшто. Денес SAP го користат 92 % од компаниите од редот на 2.000 најбогати компании на листата на „Форбс“. Веќе четири години по ред SAP е највредниот германски бренд.

Нашиот софтвер се користи во 180 земји во светот, имаме над 400.000 деловни корисници и заработуваме над 27 милијарди евра годишно.

SAP има над 100.000 вработени и над 17.000 фирми партнери на сите континенти.

Нашето портфолио се состои од повеќе од десет софтверски решенија, а, секако, најпознат е SAP ERP од четвртата генерација, кој е наречен SAP S / 4HANA. Покрај софтверот ERP, имаме решенија и за деловна аналитика, за човечки ресурси, за електронска трговија и за наплата, како и голем број решенија за јавната администрација (буџетско планирање и извршување, даночен систем, управување со грантови итн.).

SAP беше првиот во светот што започна да развива деловен софтвер наменет за специфични индустрии, така што денес покриваме 25 познати индустриски гранки.

Сите наши софтвер може да бидат во cloud или on-premise, а основата е нашата ХАНА, првата in-memory база на податоци.

Со својот апликативен софтвер и со својата технологија, со право може да се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме да бидеме на овие позиции.

Како функционира SAP во регион от и во Република Северна Македонија?

Канцеларијата на САП за територијата на Западен Балкан (SAP West Balkans d.o.o.), која ги вклучува Република Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се наоѓа во Белград. Компанијата има 270 вработени и претставува подружница која е во целосна сопственост на компанијата „SAP SE“.

Канцеларијата е одговорна за работењето на SAP во регионот и е основана во 2006 година.

SAP, исто така, има над дваесет овластени и авторизирани партнери, ИТ-фирми и консултантски фирми, кои имаат право да продаваат лиценци за софтверот SAP.

Кога зборуваме за Република Северна Македонија, SAP е присутен на пазарот повеќе од 10 години, преку примена на софтверот SAP за компаниите во Република Северна Македонија.

За жал, сѐ уште немаме правно лице во земјава, но после долги години имаме авторизирани и сертифицирани партнери, кои се локални компании и имаат седиште до РС Македонија, но и лица кои се директно одговорни за работењето на SAP во Северна Македонија како менаџери за SAP за територијата на Република Северна Македонија.

Кои компании се корисници на системите SAP во РС Македонија?

Наш најистакнат корисник е компанијата „Алкалоид“ АД Скопје, за која со гордост можеме да кажеме дека стана референтен корисник на софтвер SAP на глобално ниво.

Исто така, имаме и голем број, претежно, странски компании корпорации кои го користат нашиот софтвер, како што се: „ЕВН“, „Македонски телеком“, „А1“, „Еко“, „Лукоил“, „Петрол“, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Либерти“, „Eколог“, „Swiss Lion“, „Титан“, „Скопска пивара“, „Филип Морис“ итн.

Имаме и еден корисник од јавниот сектор, а тоа е Агенцијата за финансиска помош за развој на земјоделството, за фондовите ИПАРД.

Кои се ефектите и придобивките од примената на системите САП за самите компании/корисници?

САП е број еден во светски рамки во индустријата на деловниот софтвер и еден од лидерите во индустријата за дигитализација. Нашиот концепт „Интелигентно претпријатие“ (Intelligent Enterprise) е решение што ги следи најновите трендови на компаниите од сите дејности и е светилник во ерата на дигиталната трансформација. Придобивките од користењето на системите САП силно се одразуваат врз продуктивноста и врз профитабилноста, но и врз зголемувањето на ефикасноста и на ефективноста во работењето на компаниите.

Како ја оценувате поддршката од Стопанската комора на Северна Македонија?

Најмногу се радуваме на воспоставената соработка со најголемата, најбројна и најстара бизнис-асоцијација – Стопанската комора на Северна Македонија. Со оваа соработка Комората се јавува како главен промотор и поттикнувач на масовната примена на системите САП, помагајќи им на компаниите во зголемувањето на нивната конкурентност и профитабилност. На оваа соработка сакам да го дополнам и едукативниот момент, при што Комората е активно вклучена како наш партнер во организацијата на едукативните програми на системите САП, за што веќе од следниот месец се најавени и првите три модули за обука, во согласност со меѓународната Програма за развој на вештини, развиена од САП, со која се стекнува и со глобално призната лиценца за САП. Секој од трите модули (Финансиско сметководство и контролинг, Управување со средствата и со набавките, како и систем-администрирање со САП) водат до здобивање со знаења и со вештини во согласност со стандардизираните критериуми што се применуваат во повеќе од 400.000 компании низ светот.

Како да дојдете до SAP?

Сите информации за контакт може да се најдат на нашата веб-страница www.sap.com/westbalkans, но корисниците можат директно да се јават и кај вас, во Стопанската комора на Северна Македонијa.

м-р Анета Трајковска
потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија