ПОДДРШКА ЗА ОПСТАНОК НА ТУРИСТИЧКО-УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР
➢ Актуелно (20.08.2021, во 14:14:45)
👁 Прочитано: 1730



До кабинетите на заменик претседателот на Владата Битиќи, министрите за економија и здравство Бектеши и Филипче доставени се нови предлог-мерки за поддршка по донесените рестриктивни мерки за ограничување на функционирање на секторот
ПОДДРШКА ЗА ОПСТАНОК НА ТУРИСТИЧКО-УГОСТИТЕЛСКИОТ СЕКТОР

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија, следејќи ги развојот на настаните и епидемиолошката состојба, во насока на почитување на мерките во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, одржа работна средба со членките на Здружението. На работната средба беа разгледувани одлуките за изменување и за дополнување на одлуките за превентивни препораки, времени мерки, за наредени мерки, наменски протоколи, планови и за алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID 19, предизвикана од вирусот SARS CoV-2, како и за случаите и за временскиот период на нивна примена, објавени во Службен весник на РСМ бр. 187 од 9.8.2021 година и во Службен весник бр. 193 од 18 август 2021 година, со кои се ограничува влезот во угостителските објекти само со приложување документ за извршена вакцинација, како и движењето преку граница на домашни и на странски граѓани (туристи) со приложување документ за извршена вакцинација или негативен ПЦР-тест.

Притоа беше констатирано дека членките на Здружението на угостителството и туризмот при Комората со загриженост ја следат состојбата. Превенцијата во насока на заштита на јавното здравје е приоритет, но истовремено треба да се има предвид и потребата од мерки со кои ќе се овозможи поддршка и опстојување на компаниите од туристичко-угостителскиот сектор, со цел создавање поповолна ситуација за одредени сектори, за кои од огромно значење и придонес би било овозможување услови за одредена предвидливост во периодот што следува, особено за угостителството и туризмот.

Предложените мерки Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија ги иницира како основа за работната средба што е побарана минатата недела преку официјално доставено барање за работна средба до Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, за координација со економските ресори и за инвестиции; Крешник Бектеши, министер за економија и до Венко Филипче, министер за здравство, за начините како, почитувајќи ги мерките, да се овозможи функционалност на компаниите од дејноста и да се предложат дополнителни мерки, односно проширување на постојните.

Во рамките на дискусијата ба работната средба со членките на Здружението беа усвоени нови Предлог мерки за поддршка и за опстојување на компаниите од туристичко-угостителскиот сектор:

 

1.

Бизнис-секторот од дејноста да биде вклучен во конципирање на мерките и на одлуките со кои се ограничува функционирањето на деловните субјекти, бидејќи постојат недоречености и потреба од нивно дооформување, со што дополнително се отежнува работењето на компаниите.

 

2.

Во услови на влошена епидемиолошка слика, носење рестриктивни мерки и на исклучително мал број странски туристи, а со цел поддршка на дејноста, сите ПЦР-тестови за странските државјани (туристи) со регулиран престој да бидат во целост покриени од државата.

3.

Да продолжи поддршката за работните места во секторот, безусловно, според шифрата на дејноста (угостителски објекти за ноќевање, туристички агенции и тур-оператори), кои имаат и драстично мал обем на деловна активност веќе втора година по ред.

4.

Да се реализира мерката грант-поддршка за хотелите надвор од туристичките центри, кои не беа корисници на ваучерите издадени за посебни категории граѓани во 2020 година, во вкупен износ од еден милион евра, како дел од усвоениот петти пакет мерки поддршка на стопанството.

5.

Со цел поддршка за хотелскиот бизнис, да се овозможи за сите организирани настани (семинари, работилници, конференции) кои се случуваат во хотелите  присуство со валиден негативен ПЦР-тест, бидејќи многу од објектите имаат испланирани деловни активности, кои со последните мерки масовно се откажуваат.

6.

Да се дополни член 14 став 3 од одлуката за изменување и за дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, за наредени мерки, наменски протоколи, планови и за алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID 19, предизвикана од вирусот SARS CoV-2, како и за случаите и за временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник бр. 193 од 18 август 2021 година. На крајот од ставот да се додаде уште една реченица, која ќе гласи „Лицето кое по враќањето во земјата ќе приложи негативен ПЦР-тест да му биде прекинат карантинот“.

Образложение: лицата кои не се во можност да направат ПЦР-тест при влез во земјата од која било причина, а имаат обврска да се вратат на работа, да може да го искористат правото во државата да ја реализираат обврската за ПЦР-тестирање.

7.

Во услови на здравствено-економска криза, која трае веќе втора година, и на лоши финансиски резултати, кои ги покажуваат компаниите од туристичко-угостителската дејност, нивниот кредитен рејтинг е доведен во прашање и за последната календарска година (2020 година) тие покажуваат негативни резултати. Во таа насока, а со цел поддршка на секторот, да се обезбедат гарантирани кредити за инвестиции во секторот.

Служба за информирање при Комората