Македонската енергетска асоцијација за Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за 2010 година - ПОБАРАНА КОРЕКЦИЈА НА ПРЕДЛОЖЕНИОТ БИЛАНС ПОГОЛЕМ ЗА 14 ОТСТО

   

АКТУЕЛНО / 21.12.2009
👁 Прочитано: 902


Македонската енергетска асоцијација за Предлог-енергетскиот биланс на Република  Македонија за 2010 година - ПОБАРАНА КОРЕКЦИЈА  НА ПРЕДЛОЖЕНИОТ БИЛАНС ПОГОЛЕМ ЗА 14 ОТСТО

      Македонската енергетска асоцијација, на седницата одржана на 18 декември 2009 година, организираше стручна расправа по Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за 2010 година. Во расправата зедоа учество членките на МЕА - претставници на енергетските компании, на потрошувачите,  како и претставниците на науката.

 


      Според проекциите на Министерството за економија, изготвувач на овој предлог-документ, вкупните енергетски потреби на Република  Македонија во 2010 година би биле за 14 проценти поголеми во однос на реализираните во 2009 година. Ваквиот процент на зголемување е резултат на глобалната економска криза која во минатата година во најголем дел се одрази на компаниите од областа на производството на основни метали. Значително зголемување е планирано кај потрошувачката на природен гас, што се должи на влегување во погон на два нови производни капацитети, „Те-то“ и „Когел“, кои ќе го користат овој енергенс за производство на елекрична енергија.
Поголемиот број квалификувани потрошувачи истакнаа дека очекуваат  да се надмине кризата и со тоа да ги реализираат планираните потреби од енергија во просек за 80 до 90 проценти, а за природниот гас, од страна на „Макпетрол“ и „ГА-МА“ беше потенцирано дека планираните количини се за околу 25 отсто повисоки од потребните.
      Во расправата претставникот на ЕЛЕМ го отвори прашањето за начинот на покривање на комерцијалните загуби, за кои во Предлог-енергетскиот биланс се планира да се искористи производството на малите хидроелектрани.  За ова прашање МЕА ќе побара официјален став од Регулаторната комисија за енергетика на РМ - за тоа по која цена би се покривале комерцијалните загуби на дистрибутерот на електрична енергија.
Во својата дискусија, академикот Томе Бошевски, покрај другото,  ја нагласи нелогичноста на третманот на загубите во преносниот систем, односно нивното зголемување за 15 отсто.

 

 


      На крајот од дискусијата, претседателот на МЕА, д-р Димитар Хаџи Мишев, уште еднаш го актуелизира прашањето со билансирањето на електричната енергија. Начинот на пресметка би можел во голема мерка, дури и до 30 отсто да ги промени планираните количини на електрична енергија за 2010 година.  Ова прашање ќе биде предмет на расправа на првата наредна седница на МЕА.
      По обемната стручна и квалификувана расправа, со основна функција за создавање сериозен Енергетски биланс за следната година,  Министерството за економија ќе ги направи потребните корекции и ќе го достави на усвојување пред Владата на Република Македонија.

                                                                                   З. Мешкова