Шведски компании се во потрага по партнери од Република Македонија за производство на поштенски сандачиња. Согласно ЕУ директивите, Шведска има обврска во наредните пет години да постави 1,5 милион поштенски сандачиња во влезовите на колективните стамбени згради. Бизнисот е вреден 140 милиони евра.

Заради запознавање со деловниот амбиент и можност за воспоставување на кооперантските односи со македонските фирми, Стопанската комора на Македонија ја посетија Надер Лалиниа, претседател на Шведската асоциација за меѓународната трговија, Олег Застенкер, преставник на Шведскиот совет за извоз и неколку шведски компании кои ќе бидат ангажирани во производството на поштенските сандачиња (1 октомври 2009 година). Шведските бизнисмени, во придружба на представникот на Агенцијата за странските инвестиции, изразија потреба од логистичката подршка од страна на Комората во воспоставувањето на производството и поврзување со локалните производни компании - членки на најстарата и најголемата деловна асоцијација во земјава.