СО ОДРЖУВАЊЕ НА ПРВАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ТРЕНИНГОТ И ОБУКИТЕ ПРАКТИЧНО ЗАПОЧНА РАБОТАТА НА КОМОРАТА НА ИДНИНАТА
➢ Актуелно (08.07.2021, во 02:49:32)
👁 Прочитано: 673




СО ОДРЖУВАЊЕ НА ПРВАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ТРЕНИНГОТ И ОБУКИТЕ ПРАКТИЧНО ЗАПОЧНА РАБОТАТА НА КОМОРАТА НА ИДНИНАТА

Стопанската комора на Северна Македонија деновиве ја заокружи својата реорганизација и избор на органите и телата. Со тоа, Стопанската комора освен што делува преку Првиот столб за претставување и вмрежување претставен преку традиционалните коморски активности и услуги кои ги нуди за нашите компании членки, го формиравме и Вториот столб за развој, иновации и знаење кој таргетира развој на постојните и воведување на нови услуги од интерес за сите компании (не само за членките на Kомората) во нашата држава.

Така, додека Првиот столб при Комората и понатаму продолжува да функционира преку Здруженијата, Асоцијациите, Групациите, Центарот за едукација, Центрот за проекти, Бизнис канцеларијата и Центарот за анализи, новиот Втор столб има задача да понуди нови услуги од интерес на бизнисот и сите компании како што се консултантски услуги и лобирање за фирмите, решавање на споровите преку арбитражата, создавање Берза на трудот, формирање на Институт за извоз, поврзување на странските инвеститори со домашните добавувачи, преквалификации, создавање Школа на бизнис лидери... Вториот столб сите наведени услуги ќе ги реализира преку ново формираните тела како што се Клуб 100, Советот за напредни технологии, Советот за унапредување на квалитетот на високото образование, Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките, Советот за унапредување на извозот и производството, Судот на честа, Коморскиот сенат и постојните Советот на странски инвеститори и Арбитражата преку нивна уште поголема промоција и засилени активности.

На 05.07.2021 година во Стопанската комора на Северна Македонија со одржување на Првата конститутивна седница на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките практично и започна работата на Вториот столб. Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора на Северна Македонија се формираше заради ефикасно остварување на специфичните интереси на приватниот сектор, во насока на унапредување на квалитетот на неформалното образование и обезбедување кадар со 2, 3 и 4 ниво на квалификации во согласност со потребите на бизнисот. Всушност, неговата работа ќе биде насочена кон унапредување на квалитетот на неформалното образование, вклучително и образованието на возрасни и поврзување на понудата и побарувачката на работна сила со квалификации, вештини и практично искуство согласно на потребите на работодавачите.

Советот во својата програмска агенда си постави две приоритетни цели:

  • Континуирано унапредување на работата на Бизнис-центарот за тренинг и обука Скопје, со цел да се забележи видлив напредок во делот на преквалификацијата, доквалификацијата и другите форми на неформално образование и
  • Советот преку Комората да воспостави функционална Берза на трудот и да се грижи за нејзино одржување и развој, со цел поврзување на понудата и побарувачката на работна сила во земјата и обезбедување кадар за потребите на бизнисот.

На првата седница на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките членовите се договорија за неколку клучни точки и динамика на работа во периодот кој следи во кој најпрво ќе се утврдат носечките индустрии во земјата кај кои недостасува квалификуван и спремен за работа кадар според потребите на бизнис секторот, врз основа на што потоа ќе се постават неколку верификувани програми за преквалификација, доквалификација и унапредување на вештините. Ова со цел организирање и поттикнување на соодветни облици за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните кадри како и на другите стручни кадри и професионална надградба на стекнатите знаења преку организирање стручно оспособување: обуки, семинари, работилници и други начини на едукација.

Улогата на Советот е да обезбедува деловно-стручни услуги и да дава стручна помош во развојот на одделни дејности од областа на неформалното образование и поврзување на понудата и побарувачката на работна сила за потребите на бизнисот, усвојување на современи технологии и методи на работење, поттикнување на истражувањата и развојот во одредените области и сл.

Претседател на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките е Виктор Влашки, Max Aicher Engineering, Франкфурт СР Германија и АД Осигурителна полиса Скопје, потпретседател на Советот е Зоран Витанов, претприемач, додека членови на Советот се: Игор Давков, Eаст Гате Сег ДОО Скопје, Асмир Јахоски , Пуцко петрол ДООЕЛ с.Пласница, Марјан Николов, Центар за економски анализи – ЦЕА Скопје, д-р Златко Леов, Леов компани ДООЕЛ Велес и Славчо Бујаровски, Сигма – СБ ДООЕЛ Скопје.

Служба за информирање при Комората