Македонската енергетска асоцијација за Стратегијатата за развој на енергетиката во РМ за периодот од 2008 до 2020 година со визија до 2030 - ПОДРШКА СО БАРАЊЕ НА АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА

   

АКТУЕЛНО / 01.07.2009
👁 Прочитано: 942


Македонската енергетска асоцијација  за Стратегијатата за развој на енергетиката во РМ за периодот од 2008 до 2020 година со визија до 2030 -  ПОДРШКА СО  БАРАЊЕ  НА АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА

Членките на Македонската енергетска асоцијација, производителите на енергија, големи потрошувачи  и научната јавност, на седницата одржана на 30 јуни 2009 во Стопанската комора на Македонија,  дадоа подршка на донесувањето на Стратегијата за развој на енергетиката во РМ за периодот од 2008 до 2020 година со визија до 2030, како особено значајна за развој на енергетскиот сектор и вкупниот развој на државата. Во расправата по овој особено значаен стратешки документ учествуваа и претставници на надлежните министерства и државни инстутуции.

Стратегијата ја образложи  академик Глигор Каневче, раководител на тимот за нејзина изработка , кој, покрај другото ја истакна основната цел - дефинирање на најпогодниот долгорочен развој на енергетскиот сектор, која ќе обезбеди сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија. Целите на оваа стратегија се однесуваат на ревитализација на постојната и изградба на нова инфраструктура, користење на домашните ресурси, подобрување на енергетската ефикасност како и поголемо користење на обновливите извори, воспоставување економска цена на енергијата и поголемо регионално и европско интегрирање на енергетскиот сектор на Република Македонија.

Присутните стопанственици го потенцираа нивниот интерес за овој стратешки документ за развој на енергетскиот сектор во државата, од која што зависи и одвивањето на производните процеси во индустријата. Во тој контекст генерално се поддржани глобалните насоки, при што е потенцирана потребата од покрупни инвестиции во изградба на нови капацитети, натамошна либерализација на пазарот, функционирање на берзата на електрична енергија како предуслов за создавање траспарентен пазар и друго. За поздравување е фактот што стратегијата дава посебен акцент   и на  оценка за влијанието врз животната средина.

Ценејќи го значењето на овој прв документ кој што ја дава енергетската перспектива на државата, стопанствениците ја потенцираа потребата од изработка на акционен план за нејзина реализација, што е и предвидено во Стратегијата и кој што ќе се донесе по нејзиното усвојување и  нејзино иновирање соодветно на промените со кои се соочува енергетскиот сектор во државата и пошироко, на глобално ниво.

Соодветно за значењето на обновливите извори на енергија, Македонската  академија на науките и уметностите ќе  изработи стартегија за обновливите извори на енергија, која се очекува да биде готова до септември оваа година.
Посебен интерес на седницата предизвика презентацијата на   Влатко Чингоски, кој ги изнесе најновите европски енергетски перспективи и ставовите на Европската асоцијација EURELECTRIC, дискутирани на последната седница на Бордот на директори а кои се во контекст и на целите и перспективите опфатени во Енергетската стратегија на РМ.

Претседателот на Македонската енрегетска асоцијација, д-р Димитар Хаџимишев,   на крајот од дискусијата ги повика заинтерираните субјекти своите конкретни забелешки да ги достават до изготвувачот на стратегијата и го изрази задоволството што Македонија ќе добие сериозен документ за развој на овој клучен сектор во државата.

  * Презентација на Академик Глигор Каневче
  * Презентација на г-дин Влатко Чинговски (1, 2)

З.М.