На трибината на Македонската енергетска асоцијација и Здружението „Солар“ изнесени предлози за искористување на сончевата топлинска енергија во земјава - ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ПО ПРИМЕРОТ НА ЕВРОПСКИТЕ ДРЖАВИ

   

АКТУЕЛНО / 25.03.2009
👁 Прочитано: 913


На трибината на Македонската енергетска асоцијација и  Здружението „Солар“  изнесени  предлози за  искористување на сончевата топлинска  енергија  во земјава -  ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ПО ПРИМЕРОТ НА ЕВРОПСКИТЕ ДРЖАВИ

Искористувањето на сончевата топлинска  енергија во Република Македонија, како неопходност и предизвик беше темата на јавната трибина што во организација на Македонската енергетска асоцијација и Здружението „Солар“ се одржа на 25 април 2009 година  во Стопанската комора на Македонија.

                                                                                                                                                                 
На трибината зедоа учество експерти од областа на соларната енергија, претставници на научни институции, на меѓународната заедница,  како и голем број претставници на стопански субјекти, заинтересирани за оваа проблематика.

За потребата од поголемо користење на овој вид енергија говорат бројните придобивки, како што се заштедата на конвенционалната енергија, користење на бесплатен и бескраен домашен ресурс, заштита на животната средина, и секако, социјалниот ефект - нови вработувања во проектирање, изведба, истражувачка дејност и сл. 

И покрај големото сончево зрачење, за  жал, искористувањето на овој вид енергија во нашата држава е на многу ниско ниво, и речиси неспоредливо со земјите од ЕУ каде што до 2020 година се планира за 8 пати да се зголемат инсталациите во сончевата енергија.

                                                                                                                          


Во таа насока, експертите ја истакнаа потребата од соодветна политика на финансиска поддршка, и по примерот на европските држави, ги потенцираа: директните грантови за инвестиции во нови капацитети, намалување на даноците (персонален, данок на имот) и поволни услови за кредитирање на инсталации за користење на сончевата енергија.

Ваквите мерки, надополнети со едукација на населението, архитектите, проектантските фирми, соодветна технолошка опременост на фирмите производители на сончевите колектори  се основни фактори за поголемо искористување на сончевиот потенцијал во РМ - соларно зрачење  од 1.500 до 1.800 киловат часа на квадратен метар енергија.

Презентации:

Позастапена примена на соларната енергија
Сончеви бојлери - Леов Компани
Термосифонски соларни системи
Алтерна Гроуп
Тиверија
Обезбедување на квалитет на сончеви компоненти и системи
Фотоволтаици
Системи за комбинирано производство на топла вода

                                                                                                 З. Мешкова