УЧЕСТВО НА ПРЕТСТАВНИЦИ ОД КОМОРАТА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА: „КОН РЕГИОНАЛНО БАЗИРАНИ СТАНДАРДИ НА ЗАНИМАЊА – TO REGOS“
➢ Актуелно (06.07.2021, во 17:03:02)
👁 Прочитано: 749




УЧЕСТВО НА ПРЕТСТАВНИЦИ ОД КОМОРАТА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА: „КОН РЕГИОНАЛНО БАЗИРАНИ СТАНДАРДИ НА ЗАНИМАЊА – TO REGOS“

Соработката на регионално ниво претставува значаен аспект за трасирање на патот кој води до хармонизација на економиите во земјите во регионот, обезбедувајќи стандарди на занимања кои ги отсликуваат реалните потреби во сите земји од Западен Балкан.
За постоењето на волја и подготвеност за регионална соработка  говори проектот „Кон регионални стандарди на занимања - КОН РЕГОС“, финансиран од Австриската агенција за развој, а спроведуван од страна на институции за стручно образование и обука, Стопанската комора на Северна Македонија и синдикатите кој е насочен кон создавање на занимања според регионалните заеднички потреби на бизнис секторот од земјите во Западен Балкан.

На завршната конференција свое обраќање имаше м-р Наташа Јаневска, експерт во Стопанската комора на Северна Македонија која изјави дека оваа иницијатива ја подржува и Коморскиот инвестициски форум на 6-те земји од Западен Балкан, во кој членува и Ком  ората и каде што претседателот на Комората, г-динот Азески е ко-преседавач на овој форум, а д-р Татјана Штерјова Душковска е генерален секретар на КИФ.

Причината за создавање на еден ваков форум на Стопанските комори (КИФ) на шесте земји од регионот на Западен Балкан во 2017 година, беше тоа што земјите од Западен Балкан имаат исти или слични интереси, проблеми и предизвици, а тоа бараше интензивирање на  соработката на регионално ниво, каде што отворено и јасно ќе се разговара за интересите и заедничките проблеми и ќе се изнаоѓаат заеднички ефективни решенија во насока на промовирање на регионот како заеднички простор за инвестиции и економски развој, обезбедување олеснети меѓугранични процедури и прописи, и обезбедување мобилност на учесниците во образованието и работната сила. Тоа ќе го лесни бизнисот и контактите едни со други.  Во КИФ се опфатени над 350.000 мали и средни претпријатија во регионот кои имаат мисија да отворат нови можности за поврзување на бизнис заеднацата, зголемување на конкурентноста на компаниите во регионот, олеснување на мобилноста на работната сила, создавање заеднички производи, услуги и ланци на снабдување, поддршка и поттикнување на извозот на компаниите од регионот и отстранување на бариерите на пазарите во регионот на Западен Балкан.

Предуслов за постигнување на овие можности е подобрување на стручното образование преку заеднички иницијативи на регионално ниво, што впрочем ERISEE (Иницијатива за реформа на образованието за југозападна Европа) и Австриската агенција за развој целат да го постигнат преку овој Проект, кој во изминатите две години испораќа пет регионално втемелени стандарди на занимања (од секторот угостителство и туризам и сектор градежништво и геодезија) со примена на заеднички дефинирана регионална методологија како заеднички договор помеѓу сите засегнати страни, заклучи м-р Јаневска. 

Во рамки на вториот панел насловен „Значењето на регионално базираните стандарди во професионалните квалификации, квалитетот на образованието од аспект на доносителите на одлуки, наставниците и меѓународните организации во рамките на националниот и регионалниот контекст“, Михајло Донев, соработник во Стопанската комора на Северна Македонија истакна дека улогата на Комората како претставник на бизнис заедницата е поврзување на стручните училишта со реалниот сектор, вклученост на компаниите во креирањето на образовните политики и нивен допринос во создавањето квалитетен стручен кадар кој веднаш по завршување на образовниот процес е подготвен за трансфер во работната средина. Осигурувањето на квалитетот  на практичната обука преку реализација на обука за ментори и верификација на компании се исто така клучна алка во обезбедувањето на услови за реализирање на соработка помеѓу компаниите и училиштата, а преку Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Центарот за стручно образование и обука во изминатите години беа обучени над 350 ментори, заклучи Донев.

Целта на ваквата соработка на бизнис секторот и образовните институции е да поттикне инвестирање во квалитетно и релевантно, пазарно ориентирано, стручно образование и обука и создавање универзални квалификации признати од земјите од регионот на Западен Балкан кои ќе овозможат вработување на младите по завршување на образовниот процес, зголемена вработеност преку системски пристап на пазарно ориентирана побарувачка и олеснета мобилност на пазарот на труд помеѓу земјите.

 
 
Служба за информирање при Комората