ИЗБРАНО НОВО РАКОВОДСТВО НА ГРУПАЦИЈАТА НА БАЊИ ПРИ СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПРОДОЛЖУВА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА РЕШАВАЊЕ НА АКТУЕЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ
➢ Актуелно (29.06.2021, во 10:54:28)
👁 Прочитано: 1559




ПРОДОЛЖУВА ИНИЦИЈАТИВАТА ЗА РЕШАВАЊЕ НА АКТУЕЛНИТЕ ПРОБЛЕМИ

Групацијата на бањи во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија на седница избра ново раководство. Досегашниот претседател Трим Ќемали од Дебарски бањи „Цапа“, кој ја водеше Групацијата 4 години во два последователни мандати, се заблагодари за довербата што му беше дадена од другите членки во Групацијата („Катлановска бања“, „Негорци“ и „Цар Самуил“). Истакна дека во изминатите 4 години иницирани се повеќе системски решенија, но за поголемиот дел од нив проблемите сѐ уште се актуелни и прашањата не се затворени. Во таа насока, посочи дека е време на чело на Групацијата, според принципот на ротација, како што и постои договор меѓу членките, да се избере нов претседател.

Заеднички беше констатирано дека директорот на „Негорски бањи“, Димитар Јаневски, треба да биде новиот претседател кој ќе ја предводи Групацијата следните две години. За заменик-претседател членките го избраа Трим Ќемали, досегашниот претседател, констатирајќи дека со досегашниот свој придонес и со активностите треба и натаму да продолжи, овојпат како заменик-претседател. 

По завршувањето на изборните активности членките дискутираа за актуелните проблеми, како што се договорите на бањите со Фондот за здравствено осигурување и буџетите кои на таа основа ги добиваат од ФЗОРСМ, како и за потребата од корекција на цената на услугите што ги нудат, но и за потребата од иницирање ново барање до Министерството за здравство за вклучување на природните лекувалишта во Правилникот за простор, опрема и кадар. За таа цел ќе биде иницирана и работна средба со ФЗОРСМ за да се формира работна група со вклучување претставници од Фондот од повеќе сектори, за да се направи потребното согледување зошто барањата кои се упатуваат на адреса на ФЗОРСМ треба да бидат ставени во функција.

За реактивирање на проектот „Бањско-климатска рекреација за пензионери“, или преку истиот модел или преку издавање ваучери за пензионери за користење на бањските услуги, бањите имаат цел да се иницира средба со надлежните државни институции, за да се стави во функција и оваа мерка за поддршка на пензионерите, која ќе има цел и поддршка на бањите, кои во услови на криза со КОВИД 19, исто така, имаа негативни реперкусии.

 

 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување