ОЧЕКУВАЊАТА ЗА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
➢ Актуелно (28.06.2021, во 14:17:10)
👁 Прочитано: 1694




ОЧЕКУВАЊАТА ЗА ТУРИСТИЧКАТА СЕЗОНА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

За добра туристичка сезона, таргет мора да биде организираното туристичко патување, потребна е и обемна медиумска кампања за поттикнување на домашниот туризам, како и зајакната промоција во европските држави кои се наши традиционални пазари, ова е констатацијата од прес конференцијата на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија.  

Владата, има слух за предлозите, идеите и иницијативите на туристичките работници, досега е разговарано со владини претставници, но нема примена, а уште помалку реализација.

Ургентна е потребата од итна поддршка и агресивна промоција, посебно во регионот, за да се спаси барем дел од годинашната сезона и да се овозможи поповолна позиција во 2022-ра. Во периодот што следи, од клучно значење ќе биде и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои се негува традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од Северна Македонија. Бизнисот таквиот вид поддршка не ја гледа или пак немаме информации дека се случува, е констатацијата на прес конференцијата.

Здружението смета дека ваучерите за социјалните категории граѓани се добра мерка која ќе има некаков бенефит, но нема да биде доволна да го поддржи туризмот во обликот како лани.

Во меѓувреме, како што беше речено на прес-конференција, земјава ги губи не само туристите, туку и позициите како туристичка дестинација. Нема чартери, нема автобуси во доволен број, ниту доволно организирани патувања кон Северна Македонија. Слабеат позициите на државава кај традиционалните пазари, додека на регионалниот не се зајакнуваат, а уште потешко може да се размислува за нови пазари. Ова создава впечаток дека туризмот не е препознаен како сектор во економската политика на државата.

Потпретседателите на Здружението, Александар Кузманоски и Асим Меџедовиќ, истакнаа дека дипломатијата потрфли во овој сегмент. И тоа што моментно има малку туристи во земјава, главно од Полска, не е заслуга на државата, туку на бизнис секторот, на иницијативата на туристичките работници и на ризикот што тие целосно го презеле на свој грб.

За подобрување на состојбата, освен силна промоција посебно во регионот, Здружението предлага и поддршка на авиосообраќајот, како и бесплатен паркинг за сите странски возила и автобуси – мерка која би траела најмалку до стабилизирање на туристичкиот сектор. 

– Ние континуирано и укажуваме дека на страницата на МНР, не постои информација на англиски јазик за условите за влез во државата во услови на Ковид-19 кризата. Како ние да им објасниме на гостите, а не се работи само за туристи, туку и за бизнис. Мора редовно да се апдејтираат податоците за ние готови да ги преземеме и да ја промовираме државата, истакна Кузманоски. Тој дополни дека интерес за земјава има, но недостасуваат информации за проток, за влез и излез.

– Мора да се комуницира со тур-операторите од другите држави за да добијат сигурност дека сме подготвени како дестинација да ги пречекаме туристите од аспект на безбедност. Ние, како бизнис, многу брзо се престроивме, но не и државата, истакна Кузманоски.

Меџедовиќ соопшти дека чартерите од Холандија се се` уште неизвесни, а има и најави дека ќе бидат комплетно откажани. 

– Имаше информации дека ќе доаѓаат туристи од Бенелукс и Холандија, како и од Турција, но со оглед дека бевме подолго време во црвена зона и не направиме промоција и директна дипломатска офанзива да се контактираат тие тур-оператори, задоцнивме и се уште доцниме. Од Полска туристите кои се дојдени, пак, се на иницијатива на приватниот сектор. Направени се индивидуални напори и тоа е всушност заслуга на тур-операторот кој сам го презема целосниот ризик, напомена Меџедовиќ.

Оттука за да има организирано туристичко патување, и добра туристичка сезона потребно е:

  1. Итна промоција во регионот;
  2. Создавање услови за придобивање нови пазари како не би ја загубиле и 2022 година;
  3. Нови содржини (настани) креирани на државно но и локално ниво преку општините кои би биле основ и за привлекување туристи;
  4. Поддршка на авиосообраќајот;  
  5. Предлог за бесплатен паркинг за сите странски возила и автобуси на паркинзи со кои стопанисува државата или локалните самоуправи.

Ургентно е што е можно поскоро да се започне со поддршка од тој тип на туристичката дестинација

 

 
 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување