Министерот за економија на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими на средба со стопанственици во Стопанската комора на Македонија - НЕОПХОДНА ДАЛЕКУ ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА НА РЕАЛНИОТ СЕКТОР

   

АКТУЕЛНО / 21.01.2009
👁 Прочитано: 916


Министерот за економија на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими на средба со стопанственици во Стопанската комора на  Македонија  -  НЕОПХОДНА ДАЛЕКУ ПОГОЛЕМА ПОДДРШКА НА РЕАЛНИОТ СЕКТОР

Според присутните стопанственици, планираниот буџет за годинава од 1,5 милијарди денари за Министерството за економија, е ограничувачки за посериозна поддршка за реалниот сектор, односно за  пораст на производството и извозот

Министерот за економија Фатмир Бесими, со своите соработници,  на 20.1.2009 година, се сретна со претставници на Стопанската комора на Македонија. Целта беше да ги презентира планираните проекти на Министерството за годинава, како и да се запознае со проблемите со кои се соочуваат компаниите - членки на Комората.

                                                                                        
Тој ги запозна присутните со економските програми за поддршка на конкурентноста, кластерското дејствување, туризмот, текстилот,  за заштитата на потрошувачите, како и за сите други програми што се во надлежност на Министерството, а значат директна поддршка за малите и средни претпријатија.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија ги презентираа своите барања, кои се клучни за нив оваа година, посебно од аспект за ублажување на негативните ефекти од глобалната економска криза.
Според присутните стопанственици, планираниот буџет за годинава од 1,5 милијарди денари за Министерството за економија, како клучно министерство за реалниот сектор, е ограничувачки за посериозна поддршка за реалниот сектор, односно за  пораст на производството и извозот.

                                                                                       
Во тој контекст се истакна дека:
- Неопходен е сериозен пристап за стимулирање на производството односно извозот, посебно преку адекватна примена на автономни мерки, односно ослободување од царина на опрема која не се произведува во земјата, и за која нема реални можности да се произведува ни во наредните десет години.
- Во делот на енергетиката, со оглед на тоа што според оценките на Македонската енергетска асоцијација, не само во земјава, туку и во регионот, и покрај намаленото производство во реалниот сектор како резултат на економската криза ќе има проблем во снабдувањето со енергија, се очекува квалитетна стратегија, која ќе даде одговор на низа отворени прашања во енергетскиот сектор на земјата. Посебно се истакна потребата од отворање берза за тргување со  електрична енергија, што е исклучително значаен фактор за обезбедување на максимална транспрентност во трговијата со електрична енергија и повисок степен на отвореност на либерализираниот пазар на електрична енергија.
 - Исто така, како приоритетно за разрешување се истакна прашањето за балансирањето на електричната енергија, сега кај големите а понатаму и кај помалите потрошувачи и испорачатели на електрична енергија,  како и проблемот во неусогласените енергетски и еколошки правилници (како, на пример, од еколошки аспект користењето на мазутот е забрането, а немаме алтернатива при запирањето на снабдувањето со гас или правилниците за квалитет на горивата од една и за емисија на гасови од друга страна).

                                                                                         
- Во делот на туризмот се истакна потребата од одредување на износот на субвенцијата за донесен странски турист, како и прашањето на 5% влезен, а 18 % излезен ДДВ во угостителството.
- Стопанствениците, меѓу другото, побараа  мерки со коишто ќе се обезбеди поголемо внимание и сигурност во делот на транспортот на стоки и суровини, бидејќи поради несигурност се губат странските партнери, како и обезбедување инструмент зa наплата на домашниот пазар.

                                                                                            Стојмирка Тасевска