И ВО УСЛОВИ НА СВЕТСКА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД-19, КОМПАНИИТЕ СО НОВИ ИНВЕСТИЦИСКИ АКТИВНОСТИ
➢ Актуелно (20.05.2021, во 12:55:20)
👁 Прочитано: 1053




И ВО УСЛОВИ НА СВЕТСКА КРИЗА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ПАНДЕМИЈАТА СО КОВИД-19, КОМПАНИИТЕ СО НОВИ ИНВЕСТИЦИСКИ АКТИВНОСТИ

Компаниите членки на Стопанската комора на С. Македонија и покрај светската економска криза предизвикана од корона вирусот, продолжуваат со инвестициски активности преку  проширување  на  производствените  капацитети,  развој на човечките ресурси и развој на модерна технологија со цел позиционирање и на  странските пазари.

Во прилог издвојуваме дел од успешните инвестиции во последните 2 месеци.

- Компанијата  „Алкалоид” АД Скопје по 15 години производство  во странство, пушти во употреба сопствено производство на влажните  марамчиња  Бекутан. Инвестицијата изнесува околу 4 милиони евра. Проектот вклучува адаптација на просторот за производство и складирање со вкупна површина од 3.200 м2. Максималниот годишен капацитет на оваа инвестиција е 50 милиони парчиња производи. Оригиналната формула на овие марамчиња креирана од фармацевтските експерти на „Алкалоид“ за прв пат е воведена во 2006 година.

 

- М6 Аграр и Винарската визба „Тиквеш“, заедно, преку групацијата  М6, продолжија со инвестицискиот циклус во нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес. Најновата инвестиција на „М6 Аграр“ за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“ е вредна речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата.

 

-Во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово од неодамна е започната изградба на нова инвестиција американската компанијата „ЛЕАР“ и „Нормак Инвестмент Груп“.Станува збор за инвестиција од 15 милиони евра, односно втор  производен погон којшто се гради на површина од 8 илјади метри квадрати, а плановите на инвеститорот се до ноември 2021 година објектот да биде завршен. Новата фабрика ќе отвори можност за вработување до 1500 лица.

 

-Германската компанија „Дрекселмаер“ со нова  голема инвестиција од 16 милиони евра  работи на  проширување на  производството во постојниот капацитет во Кавадарци и на нова фабрика во Куманово која ќе обезбеди  нови 1.000 работни места. Со оваа инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на Мерцедес бенз Е класа во постоечкиот производствен погон во индустриската зона во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово, за потребите на нивните клиенти Мерцедес бенз и БМВ“. Дополнително од компанијата информираат дека особено е важна нивната  соработка  со над 700 домашни фирми- добавувачи, и очекуваат таквата соработка да се интензивира во наредниот период. Ова е и интенција и програмски дел од работата на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на С.Македонија за продлабочување на соработката и поврзување на домашните со странските компании со цел поврзување во нивниот ланец на добавувачи.

 

- Американската компанија за производство на електронски компоненети „Кемет Електроникс“ започна со проширување на капацитетот на својата фабрика во ТИРЗ Бунарџик, каде  работи од 2011 година. Со новата инвестиција  во вредност од 10 милиони евра, еден дел од средствата ќе се вложат во Центар за истражување и развој, како и зголемување на бројот на вработени. Од компанијата информираат дека големата побарувачка на електрични и хибридни возила на глобалниот пазар диктира потреба од отворање на нови организациони единици во компанијата,  Центар за истражување и развој на нови кондензатори, како и просторија за истражување на нови материјали. Изградбата на халата ќе започне во август годинава, а  производството треба да стартува во мај 2022 година.

Служба за информирање при Комората