Со најновата инвестиција на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ до производство на квалитетни македонски вина за освојување на светските пазари
➢ Актуелно (20.05.2021, во 09:11:13)
👁 Прочитано: 1771




Со најновата инвестиција на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ до производство на квалитетни македонски вина за освојување на светските пазари

М6 Аграр“ и Винарската визба „Тиквеш“, минатата седмица ја промовираа новата инвестиција како дел од Групацијата М6. Двете компании заедно, преку групацијата М6 продолжија со инвестицискиот циклус во нови лозови насади на површина од 120 хектари, на локацијата Бабуна, во близината на Велес. Најновата инвестиција на „М6 Аграр“ за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“ е вредна речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата.

Оваа инвестиција ги потврдува неисцрпните можности на македонското сонце и земја за развој на земјоделството, особено за развој и експанзија на нашето грозје, како и за производство на квалитетни вина. Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, туку ќе создаде услови и за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Со овој нов потенцијал, Винарската визба „Тиквеш“ со долгогодишната традиција на производството на врвни вина, со присуство на над 25 пазари ширум светот и освоени 130 високи награди на реномирани светски вински натпревари само минатата година, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена

Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“, во чии рамки досега се инвестирани над пет милиони евра во подигнување на нови лозови насади и модерна механизација. Инвестицискиот план за подигнување нови лозови насади предвидува во текот на 2022 година да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра и да биде опфатена површина од нови 180 хектари, а овој тип инвестиции во земјоделството ги задоволуваат сите критериуми за поддршка од ИПАРД програмата за развој на аграрот и руралниот развој.

И во овие услови на пандемија, компанијата која е една од најстарите членки на Стопанската комора на Северна Македонија и дел од сите нејзини раководни стриктури, продолжи со инвестициите во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси за понатамошно унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, нивно позиционирање на странските пазари и поголема промоција на македонските вина воопшто.

Васко Ристовски
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување