Работодавачите се директните корисници на стекнатите знаења и вештини на завршените ученици од стручното образование и обука и затоа од исклучителна важност е тие активно да учествуваат во создавањето на стручниот кадар преку зголемената вклученост во реализацијата на практичната обука на учениците.
Во предходниот текст се осврнав на апсурдот на централизирање на стручното образование и обука, наместо негова либерализација и зајакнување на партнерскиот однос со Комората, која активно е вклучена во процесите на стручното образование и обука. Но апсурдот да биде уште поголем, во економија каде доминираат малите и средни претпријатија, а и во време кога компаниите, на доброволна основа, почнаа да ги отвораат вратите за прием на ученици, со новиот предлог Закон за стручно образование и обука се наметнуваат дополнителни обрвски на компаниите кои, сами по себе, носат и санкции доколку не се исполнат.
Можеби, тоа е во кодот на нашето однесување. Наместо да се надградува тоа што е позитивно и да се олеснуваат процесите за понатаму да функционираат, дополнитено се отежнуваат работите. И ако се разгледа текстот на предлог Законот за стручно образование и обука, се забележува дека:
- за ученикот се предвидени 5 обврски, без да биде вклучена обврската редовно да учествува во процесот на практично образование и да соработува со менторот и вработените во компанијата каде реализира практична обука;
- за стручното училиште се предвидени 8 обврски, без да биде вклучена обврската да соработуваат со коморите како претставници на реалниот сектор посебно во реализација на практичното образование и во барање мислење за воведување на нова квалификација што се покажа како добра пракса (се влијае на усогласувањето на понудата и побарувачката на пазарот на труд за да нема хиперпродукција на кадри кои се непотребни за сметка на недостатокот на кадри кои им се потребни на компаниите);
- додека за работодавачот се предвидени 17 обврски.
Што добија дополнително работодавачите?
1. Да обезбедат здравствени прегледи за учениците кои реализираат практично образование, посебно за специфични квалификации, во спротивно му следува глоба од 100 до 150 евра.
Вклучувањето на работодавачите во обезбедување на стручното образование обука е на доброволна основа и обезбедувањето на здравствени прегледи не би смеело да се наметне како обврска, туку како можност на работодавачот што треба да се уреди во Договорот кој се потпишува помеѓу ученикот, училиштето и работодавачот. Државата мора да најде начин како да го реши ова прашање, тргнувајќи од фактот дака здравјето и безбедноста на учениците треба да бидат на прво место.
2. Да обезбедат превоз на ученикот од училиштето до работното место и храна или да обезбеди надомест за превоз и храна
Компаниите кои се во можност, и денес, обезбедуваат храна и превоз на ученикот од училиштето до работното место, без тоа да им биде наметнато со Закон. Оваа „обврска“ треба да се уреди во Договорот, затоа што малите и средни компании не се секогаш во можност да ја исполнат обврската, што ќе придонесе да не ги прифаќаат учениците за реализација на практична обука.
3. Да ги вклучи наставниците во обуките за вработени кои се поврзани со практичните вештини на учениците кои се стекнуваат кај работодавачот
Обуките кои ги спроведуваат работодавачите за своите вработени ги предвидуваат во своите годишни планирања и обезбедуват дополнителни средства за нив. Вклучувањето на наставниците во обуките би се реализирало доколку работодавачите имаат можност. Затоа, ова пред сè, треба да биде право на работодавачите, а не обврска, бидејќи тоа за нив претставува дополнителен трошок.
4. Да дава материјална и/или, стручна и/или друг вид на поддршка на установата за стручно образование и обука
Процесот за реализација на практичното образование кај работодавач е на доброволна основа и взаемна соработка со училиштето. Праксата покажува дека голем број на компаниите инвестираат во училиштата, но не како обврска, туку според нивните можности, одговорности и развојни планови (ЕВН, Дрекслер Маер, Костал..).
Во процесот на обезбедување квалитет: сертификација на ментори и верификација на работодавач за реализација на практично образование, дополнително се наметнуваат административни и финансиски трошоци на работодавачите, преку обезбедување доказ дека со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, за лицето кое ќе учествува во обуката за ментор, и доказ од страна на работодавачот кој сака да се верификува дека не му е отворена стечајна постапка или покрената постапка за ликвидација.
Во делот на правата на работодавачите сè уште стои членот (член 22, став 1, алинеа 5) дека работодавачот треба да се стекне со финансиски, царински и даночни олеснувања и други придобивки пропишани со закон, доколку е вклучен во практичното образование на ученици, но не се прецизирани олеснувањата кои треба да ги добијат работодавачите, процентот на олеснување, критериуми како се регулираат олеснувањата (дали според број на ученици во компанијата, број на часови во компанијата, трошоци на репроматеријали,) и во кои закони што ја регулираат соодветната област треба да се предвидат измени за да се хармонизираат со овој предлог Закон. 
Проверката на ученикот за оспособеноста за работа по завршување на практичната обука кај работодавач е значајна за стекнување на квалификуван кадар. Во предлог Законот се уредени завршните испити на стручното образование, но не е предвидено коморите и работодавачите да учествуваат во комисиите за завршните испити, иако се најкомпетентни за проверка на стручните знаења, вештини и компетенции кај учениците (Ова беше регулирано со посебен член во постоечкиот Закон за стручно образование и обука).
Во предлог Законот не смее да се исклучат компаниите за кои се потребни специфични квалификации, како што се квалификациите од секторот рударство, и за реализација на практичната обука на учениците потребно е да се исполнат определени услови. Според Конвенцијата за минимална возраст од 1973 година, минимална возраст на рудар е 18 години. Кога станува збор за практичната обука во дуалното образование за ваков тип на квалификации, учениците би се стекнале со потребните вештини и компетенции и би се запознале со работните процеси, доколку дел од практичната обука ја реализираат исклучиво во јама или во средина која вклучува хемиски процеси. Затоа е потребно дополнително да се уредат специфичните услови според кои, истата би можела да се реализира, но со највисоко ниво на безбедност за учениците.
Заклучок: За успешен образовен систем можеме да зборуваме само доколку по завршување на стручното образование и обука учениците се стекнале со стручни вештини и компетенции и можат да се вработаат веднаш по нивното завршување, а работодавачите не треба дополнително да вложуваат во нив.