ПОДДРШКА ЗА ДОБАВУВАЧИТЕ ОД РЕГИОНОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ПРЕКУ КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ, ЗА НИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ ВО ГЛОБАЛНИТЕ ЛАНЦИ НА СНАБДУВАЊЕ
👁 Прочитано: 894




ПОДДРШКА ЗА ДОБАВУВАЧИТЕ ОД РЕГИОНОТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН ПРЕКУ КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ, ЗА НИВНО ВКЛУЧУВАЊЕ ВО ГЛОБАЛНИТЕ ЛАНЦИ НА СНАБДУВАЊЕ

Коморскиот инвестициски форум, како асоцијација на шесте национални комори од Западен Балкан, претставува повеќе од 350.000 компании од регионот, претежно мали и средни претпријатија, настојувајќи да отвори нови можности за посилно вмрежување на деловните заедници во регионот преку отстранување на преостанатите пречки за развој на регионалната економска соработка и подобрување на деловната и инвестициската клима на пазарите во целиот регион, посочи д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум, на прес конференцијата одржана во Стопанската комора на Северна Македонија на 10.05.2021 година.

Главниот фокус на активностите на Коморскиот инвестициски форум во претстојниот период е тесно поврзан со имплементацијата на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар. Овој документ се фокусира на потребата за компаниите од шесте држави на Западен Балкан да се обезбеди заеднички пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, и кој треба да придонесе за зголемување на атрактивноста и конкурентноста на регионот и за приближување на регионот до пазарите на ЕУ. Помеѓу останатото, овој акциски план треба да придонесе за слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал, но и засилена соработка во областите на дигитализацијата, инвестициите, иновациите и индустријата.

Токму во делот на засилена соработка во областа на индустријата Западен Балкан, со поддршка од Европската Унија, Коморскиот инвестициски форум ќе работи на Регионалната програма за поддршка на добавувачите од регионот на Западен Балкан, со цел поддршка за нивно полесно вклучување во глобалните ланци на снабдување, посочи д-р Штерјова Душковска.

Како прв чекор, започнува мапирањето на добавувачите од регионот во посебна датабаза која ја изработува Коморскиот инвестициски форум, а која ќе содржи релевантни податоци за потенцијалните добавувачи и инвеститорите во три клучни сектори:

  • лесната индустрија (вклучувајќи електрични и електронски системи и елементи на електронски и електрични системи);
  • автомобилска индустрија (вклучувајќи уреди и компоненти за автомобилска индустрија-пластика, гума, машини / опрема);
  • прехранбената индустрија;

Дополнително, во датабазата ќе бидат вклучени и компании од циркуларната економија, пристап кој е од хоризонтален карактер, и може да опфати компании од различните сектори и дејности кои активно придонесуваат на полето на циркуларната економија.

Во датабазата ќе бидат систематизирани податоци кои се однесуваат на основните податоци за компанијата, податоци за производствените капацитети (клучни производи, клучни применети технологии, применети сертификати, позиција во синџирот на снабдување, земји во кои извезуваат, итн.), финансиски податоци, капацитет на производот (за секој HS код), специфични детали за производот, итн.

Базата на податоци ќе содржи релевантни податоци за приближно 2000 добавувачи и инвеститори кои можат да се приклучат на регионалните и глобалните ланци на снабдување. Како прв пилот сектор се работи на автомобилската индустрија, и мапирањето на добавувачите од овој сектор ќе биде завршено до крајот на јуни, во пресрет на Самитот во рамки на Берлинскиот процес, која на почетокот на месец јули ќе се одржи во Берлин, а за останатите сектори базата на податоци ќе биде комплетирана до крајот на 2021 година.

Ги повикуваме сите заинтересирани компании да се вклучат во оваа активност, и да се обратат до Стопанската комора на Северна Македонија заради вклучување во оваа дата-база, посочи Штерјова Душковска.

Оваа база на податоци ќе се користи за понатамошен развој на услуги за компании / потенцијални добавувачи, кои за овие компании ќе ги обезбедува Коморскиот инвестициски форум и стопанските комори од регионот. Се работи на развој на бази на податоци за пристап до пазарот, која ќе вклучува точни информации за потенцијалните пазари, ќе овозможува пребарување на партнери и размена на податоци помеѓу компаниите. На компаниите кои ќе бидат вклучени во Програмата, ќе им биде обезбедена техничка помош за дигитализација и за пристап до финансии. За 60 компании од регионот со поддршка од консултанти, ќе биде изготвен стратешки план за дигитална трансформација, и дополнително, за 60 компании од регионот ќе биде обезбедена поддршка за изготвување на предлог-проекти за аплицирање за финансиска поддршка од достапните европски фондови, за финансирање на решенија за надградба на постојните или воведување на нови решенија во нивните производни процеси. Конечно, за компаниите ќе бидат организирани и различни активности за вмрежување - B2B средби, саеми, деловни настани, и инвестициски конференции, за поддршка на активностите за вмрежување помеѓу добавувачи и инвеститори. Сето ова треба да придонесе за унапредување на капацитетите на компаниите од регионот за вклучување во регионалните и глобалните ланци на снабдување.

Служба за информирање при Комората