ПОДОБРУВАЊЕ НА УСОГЛАСЕНОСТА НА ПОБАРУВАЧКАТА И ПОНУДАТА НА ВЕШТИНИ ПРЕКУ ПОГОЛЕМА ВКУЧЕНОСТ НА ЗАСЕГНАТИТЕ СТРАНИ
➢ Актуелно (27.04.2021, во 16:55:44)
👁 Прочитано: 212




ПОДОБРУВАЊЕ НА УСОГЛАСЕНОСТА НА ПОБАРУВАЧКАТА И ПОНУДАТА НА ВЕШТИНИ ПРЕКУ ПОГОЛЕМА ВКУЧЕНОСТ НА ЗАСЕГНАТИТЕ СТРАНИ

Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, а со поддршка на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ - Е4Е@мк, се одржа „онлајн“-дебата на тема: „Образованието како фактор за забрзан регионален развој преку подобрување на усогласеноста на побарувачката и понудата на вештини“. 

Eкономскиот раст и развој на државата зависи од усогласеноста на побарувачката и понудата на вештини на локално и на регионално ниво, што значи, ефикасно обезбедување кадар потребен на реалниот сектор кој поседува релевантни вештини и комптенции за одржување на продуктивноста на компаниите и за предвидувања во плановите за иден развој и инвестирање, истакна м-р Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора на Северна Македонија на виртуелната дебата што ја организираше Комората со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка во Република Северна Македонија, преку проектот  „Образование за вработување“ со цел да се обезбеди унапредување на системот за стручно образование и обука којшто ќе може ја следи побарувачката на квалификации, со посебно внимание на квалификации потребни за брзо растечките дејности на локално и на регионално ниво. Според м-р Јаневска, неоходно да се следат состојбите и да се анализираат сите промени кои се случуваат и заземаат главно место на пазарот на трудот за да се  обезбедат релевантни показатели за актуелните состојби за понудата и побарувачката на вештини. За подготовка на сеопфатна анализа потребни се навремени, релевантни информации и квалитетни податоци што можат да се обезбедат само со заедничко и проактивно учество на сите заинтересирани страни за да може да се добие реална слика на состојбата.

 Пред учесниците беа презентирани наодите од „Анализата за понудата и побарувачката на вештини во Северна Македонија: анализа на локално и регионално ниво“ која ги опфаќа трите плански региони: Полошки, Југозападен и Североисточен. Преку анализата беа идентификувани значителни промени во структурата на вработување во секој од трите региони                

  - Оваа мултидимензионална анализа на едно место ги обединува сите расположливи податоци, а со нивното вкрстување се добива појасна слика за демографската структура, потребите од вештини, дневната миграција, инфраструктурата, како и трендовите во вработувањето на краток, среден и долг рок, истакна проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за проценка и за анализи на пазарот на труд и на образованието.                                           

   - Специфични сектори во даден регион се намалуваат како резултат на трансферот на работна сила во секторите што растат, како што е случајот со Полошкиот регион каде земјоделството, шумарството и риболовот опаѓаат, додека секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна рапидно растат. Oвие структурни промени во економијата се типични за модернизацијата, заклучи проф. д-р Новковска. 

Според д-р Новковска, оваа анализа овозможи да се идентификуваат главните фактори на страната на побарувачката на релевантни квалификации како и факторите кои влијаат на страната на понудата на квалификуван кадар, а истата преставуваше и основа за конципирање на регионалните центри за стручно образование и обука кои се формираа во текот на 2020 година во овие три плански региони.

Дебата имаше за цел да ги пренесе наодите и да помогне во идентификување на спецификите и во останатите пет плански региони кои ќе претставуваат основа за конципирање на стратегиите за основање на регионални центри за стручно образование и обука кои дополнително ќе го унапредат стручното образование каде главен фокус ќе се потребите на знаења и вештини побарувани на локално ниво.

Од особено значење беше присуството на претставници од редот на коморите, организација на работодавачи, претставници од компаниите, локални економски совети при Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Центар за стручно образование и обука, Центар за образование на возрасните, Агенција за вработување и Државен завод за статистика како клучни чинителни во обезбедувањето на квалитетни информации кои на долг рок ќе обезбедат солидна база и капацитети за точно предвидување и усогласување на побарувачката и понудата на вештини.

Михајло Донев
соработник во Стопанска комора на Северна Македонија