Работен состанок на Европската комисија и компаниите од челичната индустрија во рамки на земјите од Западен Балкан и КИФ за заштитни мерки против увоз на одредени производи од челик
👁 Прочитано: 144




Работен состанок на Европската комисија и компаниите од челичната индустрија во рамки на земјите од Западен Балкан и КИФ за заштитни мерки против увоз на одредени производи од челик

Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ ЗБ6) организираше онлајн консултативна средба помеѓу претставници на Европската комисија и компании од челичната индустрија од регионот.
Со Регулативата за спроведување (Регулативата за спроведување на Комисијата (ЕУ) 2019/159 од 31 јануари 2019 година со која се воведуваат дефинитивни заштитни мерки против увоз на одредени производи од челик), Комисијата утврди дека мерките треба да се применуваат за период од три години (вклучувајќи го и периодот на имплементирање на привремените мерки), а истиот истекува на 30 јуни 2021 година. Мерката што моментално е во сила, се состои од тарифна квота ('TRQ'), заснована врз претходен увоз, што се применува за увоз во Унијата на секоја од 26-те категории на производи што го сочинуваат предметниот производ. Во случај кога релевантната тарифна квота ќе се исцрпи, дополнителна се плаќаат 25% на нето- цената при влез на производите во Унијата.

Во моментот, Европската Комисија ги разгледува можностите за продолжување на заштитните мерки што се применуваат при увоз на одредени производи од челик. Во текот на истражувањето, Комисијата особено е фокусирана на прибирање информации во односна тоа дали заштитните мерки и понатаму се неопходни за спречување или санирање на сериозни нарушувања, дали има докази дека производителите на Унијата се прилагодуваат и дали продолжувањето на мерките ќе биде во интерес на Унијата. Со истражувањето, соодветно ќе се утврди и времетраењето на  продолжувањето на мерките, доколку дојде до тоа.

Воведените заштитни мерки директно влијаат на работењето на компаниите од челичната индустрија од земјите на Западен Балкан. Во мај 2020 година Коморскиот инвестициски форум, ја повика Европската унија да го изземе Западен Балкан од постојните заштитни мерки за челик, засновани врз посебните трговски односи што овие земји ги имаат со Европската унија и виталното значење на оваа индустрија за националните економии на шесте земји од Западен Балкан.

На средба, генералниот секретар на Коморскиот инвестициски форум- КИФ ЗБ6, Татјана Штерјова Душковска, даде краток осврт на безбедносните мерки и го потенцираше значењето на металната индустрија за регионот. Според податоците, производителите на железо и челик значително учествуваат во БДП на националните економии и тие вработуваат повеќе од 10 000 работници во регионот. Покрај тоа, 67% од вкупниот извоз на железо и челик од економиите на Западен Балкан 6 е насочен кон пазарот на Европската унија.

Како што истакнаа претставниците на Европската комисија, Европската унија е многу заинтересирана за регионот на Западен Балкан и нејзината интеграција во Европската унија. Доказ за тоа е поддршката обезбедена од Европската комисија на различни начини, вклучително и финансиската поддршка преку тековниот проект имплементиран во рамки на Коморскиот инвестициски форум, но исто така и финансиската поддршка за економиите на Западен Балкан за борба против КОВИД 19 пандемијата и спроведувањето на Економскиот и Инвестициски план за Западен Балкан. Разбирлив и оправдан е стравот кај компаниите во врска со заканата по нивниот бизнис, но како што истакнаа претставниците на Европската Комисија, само официјалната постапка е опција за пристап кон овој проблем.

Претставниците на компаниите кои учествуваа на состанокот ја искористија можноста и дадоа краток увид во врска најважните прашања од работењето на нивните компании. Во дискусијата, компаниите го посочија следново:
- Оваа индустрија е од витално значење за националните економии од сите 6 земји на Западен Балкан, со оглед на нивното учество во националниот БДП и во националниот извоз, со што ограничувањата за нивниот пристап до пазарите на ЕУ создаваат сериозни негативни ефекти за националните економии;
- За повеќето компании што се засегнати со заштитните мерки, пазарите на ЕУ се примарна дестинација, а воведените заштитни мерки
предизвикаа намалување на нивниот обем на продажба во ЕУ и до 30%;
- Националните пазари за овие производи се практично непостоечки, со што не се во можност да ги апсорбираат преостанатите количини. Дополнително, со заштитните мерки што го ограничуваат пристапот до пазарите на ЕУ за некои од најголемите светски производители на челик, компаниите од реги
онот на Западен Балкан се соочуваат со нарушувања на нивните домашни пазари со производи од земји што не се членки на ЕУ;
- Компаниите од регионот немаат толку големи производствени капацитети и не се во позиција да го загрозат пазарот на челик во ЕУ;
- Компаниите од регионот првенствено увезуваат су
ровини од ЕУ, и таа околност исто така треба да се земе предвид при одредувањето на третманот на производите од челик од земјите на Западен Балкан;
- Мерките за заштита и системот за квоти созда
ваат тешкотии за компаниите да го планираат своето производство и доставување на производите, како и да го следат  времето на испорака до нивните клиенти;
- Сите земји на Западен Балкан имаат посебни трговски и партнерски односи со ЕУ, рефлектирани во Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) потпишана со овие земји, и овој однос треба да им овозможи н
а компаниите што доаѓаат од земјите на Западен Балкан специфичен третман во однос на било која друга трета земја што влегува на пазарот на ЕУ.
Во заклучоците од состанокот, компаниите уште еднаш, врз основа на образложените точки во дискусијата, упатија барање, компаниите од Западен Балкан да бидат изземени од заштитните мерки, во случај да бидат продолжени по 30 јуни 2021 година.

Освен претставници на Генералниот директорат за соседски преговори и проширување (DG NEAR), г. Иван Бресковиќ, г-дин Габриел Блан, г-ѓа Марија Фернардез на состанокот присуствуваа и претставници од компаниите Макстил, Либерти, ИГМ Трејд, Металопромет, ФЗЦ 11 Октомври од Република Северна Македонија; Арчелор Митал  од Босна и Херцеговина; ИМК од Косово; Атеник трговија, Југотоб, Металфер челик, Алсима и ХБИС од Република Србија.
 

м-р Сања Николова
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија