НИКОЛА ЉУШЕВ ЌЕ ГО ПРЕДВОДИ СОВЕТОТ ЗА НАПРЕДНИ ТЕХНОЛОГИИ ВО КОМОРАТА
👁 Прочитано: 1108



ПЕТАР ШТЕФАН - СОВЕТОТ ЗА СТРАНСКИ ИНВЕСТИТОРИ, ПРОФ. ДР. ГЛИГОР БИШЕВ - ИНСТИТУТОТ ЗА ПРЕТПРИЕМНИШТВО, А М-Р ВИКТОР ВЛАШКИ - БИЗНИС ЦЕНТАРОТ ЗА ТРЕНИНГ И ОБУКА
НИКОЛА ЉУШЕВ ЌЕ ГО ПРЕДВОДИ СОВЕТОТ ЗА НАПРЕДНИ ТЕХНОЛОГИИ ВО КОМОРАТА

1.    Продолжува кадровското доекипирање во Комората, кои ќе го диктираат нејзиниот развој во наредниот период. Овие совети ќе бидат моторната сила за целата бизнис заедница и ќе ги отворат перспeктивите за развој на бизнисот во наредните години како што се дигитализацијата, ИТ технологијата, изградба на нов модерен систем на образование и пренесување на новите технологии на странските инвеститори на домашните компании.
 
а) Советот за напредни технологии ќе го предводи г-динот Никола Љушев, главен извршен директор на „Македонски Телеком“, човек со докажано реноме во телекомуникацискиот бизнис во регионот, кој долги години е во органите и во телата на Комората. Неговиот професионализам и неговите карактерни особини се доволна гаранција дека ќе го покаже патот на напредокот на македонскиот бизнис во наредниот период. За таа цел, ќе му помага истакната група на личности  од областа на дигитализацијата, информатичката технологија, телекомуникациите, индустрискиот дизајн и др.

б) Петар Штефан,  претседател на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“ АД, ќе продолжи да го води Советот за странски инвестиции, една од нашите најзначајни институции, која ги обединува сите странски инвеститори во земјата. Неговата репутација во областа на енергетиката и неговиот професионализам, го прават да биде човек на кој може да му се верува  и кој може, да го унапреди работењето на Советот. Овој Австриец, кој ги пренесува знаењата и новите технологии на домашниот бизнис, со своето искуство ќе придонесе за уште подобра соработка меѓу странските и домашните компании.

в) Проф. д-р. Глигор Бишев, универзитетски професор и претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија“ АД, Скопје, ќе има задача одлично разработениот Клуб на менаџери претприемачи, да го подигне на едно повисоко ниво претворајќи го во Институт. Неговото долгогодишно искуство е доволна гаранција дека ќе ги обедини на едно место сите наши бизнисмени кои во исто време предаваат и на универзитетите.

г) м-р Виктор Влашки, доаѓа од Сојузна Република Германија, каде живее и работи од 1992 година. Сениор менаџер e во една од најреспектираните фирми „Макс ајчер инжeнеринг (Max Aicher Engineering) во Сојузна Република Германија и ги има поминато сите степени во образовниот процес и бизнисот во најголемата економија во  Европа - Германија. Неговата согласност да дојде и да им помогне на Комората и на државата, треба да се смета како високо морален чин кој треба да го следат и други наши истакнати кадри кои живеат и работат во европските развиени земји.

Сè  на сè, ќе имаме четворица ударни кадри кои имаат огромно искуство и можат да ги отворат вратите за преструктуирање на нашата економија и создавање на додадена вредност која е преку потребна.

2.    Најсериозната новина во работењето на Коморско инвестицискиот форум е формирањето на Бизнис-советот во којшто членуваат 16 водечки бизнисмени од регионот на Западен Балкан. Нивната улога ќе биде конторола на работата на КИФ од аспект на тоа, дали политиките за поддршка на компаниите се во согласност со нивните потреби. Што значи, за првпат се воведува контролен механизам дали парите на Европската Унија, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Германската развојна банка (KFW), Австриска агенција за развој (АДА), Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и останатите донатори, се користат во интерес на компаниите за кои се наменети. Овој механизам, мислам треба да стане образец и за сите други проектни активности. Во составот на Бизнис-советот од наша страна ќе бидат двајца водечки бизнисмени: Светозар Јаневски и м-р Живко Мукаетов. Со тоа, Стопанската комора на Северна Македонија, во врвот на КИФ ќе има копретседател, генерален секретар и двајца членови на Бизнис-советот, со што ќе се засили нашето регионално влијание.  

П.С. Нешто и за тековната работа. Презентација на Јован Деспотовски и консултации околу отворање можност и домашните компании да ги користат поволностите на технолошки индустриски развојни зони, сè со цел да се поттикне инвестициската активнoст во целата бизнис заедница. Данокот на реинвестирана добивка, можам да кажам, дека е, исто така, предмет на сериозни разговори. Овој месец, ќе завршат и темелните анализи за потребната промена на царинскиот тарифник, а се работи со предвиденото темпо и на парафискалните давачки и на воведувањето на холдинг-друштва.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија