Осигурениците лани во полиси за покривање различни ризици вложиле 163,7 милиони евра
➢ Актуелно (09.04.2021, во 11:29:18)
👁 Прочитано: 797




Осигурениците лани во полиси за покривање различни ризици вложиле 163,7 милиони евра

Сите осигуреници лани во осигурување вложиле 10 милијарди денари (163,7 милиони евра). Во  период од пет години (од 2016 до 2020 година) биле купени полиси вредни 48,3 милијарди денари (785,2 милиони евра).

Според извештајот на регулаторот, во последниве пет години во осигурување живот граѓаните вложиле вкупно 7,98 милијарди денари (129,7 милиони евра). За полиси кои покриваат ризици од неживотното осигурување (автомобилска одговорност, каско, имот, општа одговорност, приватно здравствено и други видови осигурување) вкупно се платени 40,3 милијарди денари (655,5 милиони евра).

Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле 4 милијарди денари (65,1 милиони евра) што е на исто ниво како и во 2019 година. Од тоа за штети по полиси за неживотно осигурување компаниите на осигурениците исплатиле 3,57 милијарди денари (58 милиони евра).  Исплатите на штети по основ на осигурување живот изнесуваат 436,9 милиони денари (7,1 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Продажбата на полиси за осигурување (бруто полисирана премија) лани во споредба со 2016 година е зголемена за 1,35 милијарди денари (22 милиони евра). Бројните ограничувања врз вкупните економски текови и особено врз мобилноста, кои лани ги предизвика здравствената пандемија, негативно се одразија и врз продажбата на полиси, со што вкупната продажба на полиси лани бележи благ пад од 5 отсто во споредба со 2019 година. – велат од АСО.

На осигурителниот пазар работат вкупно 16 друштва за осигурување меѓу кои 11 покриваат ризици од осигурување неживот, а 5 компании се специјализирани за осигурување живот.

Што ја одбележа 2020 година?

Продажбата на полиси од корпусот неживотно осигурување лани во вкупната бруто полисирана премија учествува со 82,7 отсто и изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра). Осигурителните друштва од продажба на полиси за осигурување живот инкасирале 1,74 милијарди денари (28,3 милиони евра) што претставува 17,3 отсто од целиот приход од продажба полиси.

И лани најголемо учество во целата продажба има осигурувањето моторни возила со 4,96 милијарди денари (80,65 милиони евра), пред осигурувањето имот со 1,86 милијарди денари (30,25 милиони евра). Најголем раст има кај приватното здравствено осигурување од чија продажба осигурителите наплатиле пет пати повеќе во однос на 2019 година – покажуваат податоците на регулаторното тело.

 
Влатко Стојановски
Соработник во организационата единица за развој, иновации и знаења