Воспоставување на меѓусебна економска соработка и поттикнување на развојот на малите и средни бизниси, меѓу Република Грузија и Република Северна Македонија
➢ Актуелно (07.04.2021, во 16:53:59)
👁 Прочитано: 154




Воспоставување на меѓусебна економска соработка и поттикнување на развојот на малите и средни бизниси, меѓу Република Грузија и Република Северна Македонија

На одржаната средба во Стопанската комора на Северна Македонија, помеѓу вонредниот и ополномоштен амбасадор на Грузија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Тамуна Лилуашвили, г-дин Андов, кој е предложен за конзул на Република Грузија во нашата земја и претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија г-дин Пешев, пред се беше истакната потребата од воспоставување на економска соработка меѓу двете држави, посебно во делот на малите и средни бизниси.

Се потенцираше потребата да се воспостават добри меѓусебни односи и помеѓу Стопанските комори на двете земји, кои поради наметнатата ситуација од пандемијата со коронавирусот, првично би се одвивале онлајн, со надеж дека во периодот кој следи ќе бидат воспоставени и директни средби, со цел поврзување и соработка меѓу бизнис секторите на двете земји.

Како првичен чекор, кон оваа соработка амбасадорката Лилуашвили,  ја истакна и претстојната посета во мај 2021 година, на Република Северна Македонија, од страна на претседателот на Република Грузија, г-ѓа Саломе Зоурабичвили.  

Господинот Пешев, го истакна интересот за воспоставување на соработка меѓу двете држави, истакнувајќи дека постои можност за соработка меѓу Коморите, како и воспоставување на меѓусебен извоз на производи кои се карактеристични за двете земји, што воедно претставува и еден од главните интереси на членките на Стопанската комора на Северна Македонија.

Во обемот на надворешно-трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Република Грузија, во периодот од 2010 до 2020 година може да се забележи трговски суфицит на македонска страна, при што најголемиот суфицит е забележан во 2016 година во износ од 1,42 милиони САД $.

 

Служба за информирање при Комората