СО ПРАВИЛНА ПРИМЕНА НА ПРОПИСИТЕ ДО ПОДОБРО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ
➢ Актуелно (06.04.2021, во 13:24:57)
👁 Прочитано: 170



Одржана „онлајн“ работилница на тема: „Обврските на деловните субјекти што произлегуваат од прописите од областа на управувањето со отпадот“
СО ПРАВИЛНА ПРИМЕНА НА ПРОПИСИТЕ ДО ПОДОБРО УПРАВУВАЊЕ СО ОТПАДОТ

Во чекор со економскиот развој законодавството за животна средина секојдневно се зголемува и менува наметнувајќи многубројни обврски за деловните субјекти. Со процесот на усогласување на нашето законодавство со она на ЕУ настанувааат интензивни и чести регулативни промени кои бараат брза адаптација. Ова е особено присутно во областа на управувањето со отпадот каде деловните субјекти имаат многубројни обврски кои треба да се исполнуваат речиси секојдневно.

Знаејќи ја важноста на обврските што произлегуваат од Законот за управување со отпад, Центарот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Северна Македонија на 6 април 2021 година организираше „онлајн“-семинар на тема: „Обврските на деловните субјекти што произлегуваат од прописите од областа на управувањето со отпадот“.

За време на семинарот на учесниците им се презентираа обврските што произлегуваат од Законот за управување со отпад, кои се однесуваат пред сé на водењето евиденција на создадениот отпад, начинот на неговото евидентирање и известување и потребата од изработка на посебни планови за управување со отпад за одделни деловни субјекти кои создаваат одредена количина на отпад. Потоа, се дискутираше и прашањето на склучување на договори со Јавните комунални претпријатија и начинот на изразување на цената за извршената услуга за собирање на отпад како и  се презентираа начините за намалување на трошоците за управување со отпад преку негово селектирање и преработка. Воедно се образложи и  обврската за плаќање на надоместок или пак за вклучување во колективен систем за сите деловни субјекти кои пласираат производи на пазарот на Република Северна Македонија, како и се презентира новините што со воведуваат со новиот предлог Закон за проширена одговорност на производителите во управување со посебните текови на отпад.

Предавач на семинарот беше Јадранка Иванова, правен експерт во областа на законодавството за животна средина. Речиси 20 години беше одговорна за пишување на законите од областа на животната средина во Министерството за животна средина и просторно планирање, како и повеќе од 10 години беше претседател на Прекршочната комисија при министерството.

М-р Анита Рафајловска
стручен соработник во Стопанска комора на Северна Македонија